Морален пораз на Мицкоски


СЛОБОДАНКА ЈОВАНОВСКА

Она што сака да го прикрие Мицкоски е дека тука не станува збор за големината на неделото, т.е. прекршокот, туку за него како морален пример, а уште повеќе за порака какво ќе биде неговото владеење ако тој биде иден премиер 

 

Членството на ВМРО-ДПМНЕ изминатата ноќ имаше тешка задача на социјалните мрежи да го правда лидерот на партијата Христијан Мицкоски, кој беше фатен како не ги почитува пропишаните мерки против епидемијата ,т.е. седеше во поголемо друштво во затворен дел од ресторан, место да седи на терасата. Доблесен бил, ја признал грешката. Човечки било да се згреши, важно е дека никому не нанел штета, пишуваа неговите придржувачи.

Да, човечки е да се згреши, но не е лидерски, па и под нивото на многу граѓани во земјата. Некои од нив три месеци седат дома и се мачат со изолацијата, особено постарите од 60 години кои најмногу што можеа да направат беше да отидат до самопослуга.

А, не е ни грешка, туку очигледно непочитување на мерките, и тоа не првпат, туку очигледно по навика. Да се тврди, пак, дека е доблесно што си признал, откако беше фатен на камера, е навреда за сечија интелигенција. Во извинувањето објавено на полноќ Мицкоски уште вели дека не е лицемер, па едно да зборува пред камера, а друго зад неа. За некој што ги почнува сите прес-конференции со тоа колку не се почитуваат мерките, колку е неспособна владата да ги спроведе и каква катастрофа ни се случува со корона вирусот, всушност врв на лицемерие е да биде фатен како го прави спротивното.

И она што сака да го прикрие Мицкоски е дека тука не станува збор за големината на неделото, т.е. прекршокот, туку за него како морален пример, а уште повеќе за порака какво ќе биде неговото владеење ако тој биде иден премиер. Бидејќи тоа што се случи синоќа не беше само грешка околу протоколот за седење во ресторани, не беше само нивно непочитување, туку и однос кон надлежните служби, кон инспекторите кои си ја вршеа работата, кон МВР, кон државата, кон здравствените работници, кон граѓаните, а пред се кон власта, бидејќи пораката беше – јас сум над сите вас, јас не морам ништо да почитувам, јас сум недопирлив, за мене законите не важат, јас си имам приватна полиција…

Ваков морален пораз, за волја на вистината, доживеаја и некои политичари во Европа за време на корона кризата, но тоа не го намалува дебаклот на лидерот на најголемата опозициска партија, која и направи невидена штета на државата со тоа што ја внесе на голема врата политиката во справувањето со епидемијата. Сега тоа му се врати како бумеранг. Тоа што Мухамед Зекири беше фатен исто така во непочитување на мерките против корона епидемијата не ја олеснува неговата позиција, бидејќи зад партиските ботови кои го правдаат секој негов непромислен потег стои критичката јавност која не може да биде излажана од  квази јавното мислење креирано од партиската пропаганда.

Она што го гледаат граѓаните е дека откако политиката влезе наголемо во епидемијата и стана дел од партиската борба, тркалото опасно тргна надолу. Иако и граѓаните сносат голема одговорност за тоа, поради таа вулгарна партиска борба веќе не знаат во што да веруваат и како да се однесуваат. Врв на оваа политичка мизерија се враќањето на ВМРО во МВР(О) и начинот на дејствување на министерот Наќе Чулев, кој не одолеа на предизвикот од полицијата повторно да направи дувло на партијата што го стави на таа позиција. Срамота беше да се гледа сцената синоќа на „Боемска“ во која полицијата лојална на Чулев не дозволува да влезат инспекторите и да си ја завршат работата додека не избега Мицкоски, а од друга страна да се распоредуваат специјалците лојални на Сашо Тасевски од Бирото за јавна безбедност за да обезбедат да не се избришат снимките од настанот.

Ова ли беше задачата на технички министер во Владата? Да ја стави институцијата во функција на лидерот на својата партија, место да биде прв што ќе го праша Мицкоски што бара во затворен дел во ресторан и зошто е толку тешко да седне на тераса, како сите обични граѓани што ги почитуваат мерките на владата. И потоа Мицкоски да порачува дека ова не била вистинска вест туку свртување на вниманието од фактот дека вчера имаше 101 новозаразен! А, како ќе нема новозаразени, откако тој, што го гледаат стотици илјади партиски членови и поддржувачи, даде ваков силен придонес во непочитувањето на мерките, заедно со верските лидери и некои други недопирливи.

Ако во една куќа таткото и мајката се недомаќини, какви ќе бидат децата, го запраша вчера една сограѓанка Мицкоски. За да може секој ден да им држи на сите лекции, основно е самиот да го почитува тоа што го пропагира во јавноста. Граѓаните веќе немаат нерви за доблест да се признаваат грешките, особено сега кога сме соочени со здравствена катастрофа што надоаѓа.