Мора да има еднаква правда за сите, порача Заев од собраниската говорница
Мора да има уедначена правда за сите. Законот мора да важи исто за сите граѓани, порача денеска од собраниската говорница премиерот Зоран Заев по забелешките од пратеникот Зијадин Села дека има селективна правда, притоа посочувајќи на изречените судски казни за случаите со убиството на Саздо и Алмир.
– Мора јавно да изразам чувство на горчина за неуедначената правда која судството ја испорача за Саздо и за Алмир. Апсолутно е јасно дека тука мора да има уедначена правда. Судскиот систем ги знае деталите, аргументите и доказите, но чувството на горчина остана кај сите заради тоа што нема уедначена правда. Едната казна е седум години, а другата 18-19 години, рече Заев.
Најави дека лично ќе се заинтересира, како што рече, за случајот со Блерим, притоа посочувајќи дека правото на протест е високо демократско право на секој граѓанин.
– Да биде некој повикуван заради тоа што правел графити, не е чесно. Јас фрлав боја врз Министерството за култура и платив казна од 450 евра. Има прекршочни казни, може да се казнат тие луѓе. Законот мора да важи исто за сите, нагласи Заев.
Собраниската расправа продолжува по редовната едночасовна пауза.