МОН ги повика учениците да не наседнуваат на манипулациите околу наставата


Министерството за образование и наука реагира на прес конференцијата на групата родители кои покренуваат иницијатива за повикување на учениците да ја бојкотираат наставата во училиштата. Според МОН оваа одлука ќе му наштети директно на воспитно – образовниот процес на младите, така што тоа не треба да го дозволат.

-Како надлежна институција за креирање на политиките во областа на образованието и науката и најотповикана за промените кои треба да се случат, Министерството за образование и наука веќе се произнесе дека е неоправдано  да се бојкотира за нешто што ќе донесе подобар квалитет на образованието и голем број придобивки кои младите од другите поразвиени земји веќе ги чувствуваат, затоа што процесот на дигитализација на глобално ниво е веќе одамна почнат.

Новото законско решение, односно новиот концепт за употреба на материјали за учење во основното и средното образование е најавен заедно со целокупната реформа на националниот образовен систем во делот на основното и средното образование, која пак, е дел од програмата за работа на Владата и од Стратегијата за образование 2018-2025 и за истата се водеше сеопфатна двомесечна дебата. Дополнително, во јавноста беше презентирана и анализата на јавното мислење на наставниците и учениците спроведена од Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанстинк“, според која 75% од учесниците сметаат дека учебниците и наставните материјали се најприоритетна сфера на реформирање. Предлог Законот за учебници беше објавен на владиниот ЕНЕР систем и сите предлози и сугестии од експертската јавност се интегрирани во неговата содржина, која е усогласена со сите последно усвоени документи од страна на Европската комисија, а кои се однесуваат на давање приоритетност на процесот на дигитализација на образованието.

Со новото законско решение, кое предвидува комбиниран модел на примена на учебници и други наставни и дидактички материјали, ниеден ученик нема да биде исклучен од наставата. Учениците од прво до трето одделение ќе добиваат печатени учебници, додека за учениците од четврто и погорните одделенија приоритетна опција се дигиталните учебници и условите за употреба на истите ќе му бидат овозможени секому. Односно законски е обезбеден пристап до учебниците кои ученикот треба да ги користи. Па така, за учениците кои се од социјално загрозени семејства и немаат уреди за учење од дигиталните учебници, како и за учениците кои поради попреченост имаат потреба од уреди и/или помошна технологија, училиштето е должно да обезбеди услови за секој ученик да има пристап до употреба на учебник. За прв пат, се обезбедуваат и учебници во аудио формат, а воедно се печатат и учебници на Брајово писмо.

Апелираме до граѓаните кои се дел од оваа иницијатива, да не ги вовлекуваат учениците во нешто што ќе им наштети на училиште и ќе им создаде празнини во знаењето. Тоа не вистинската вредност и цел за која треба да се бориме. Вистинската цел е создавање на млади и современи генерации кои ќе бидат добро едуцирани и подготвени за светот кој ги очекува по 10-20 години, а во кој дигитализацијата ќе биде застапена во сите сегменти и сфери, порачаа од МОН.

Освен вистинската загриженост, реформата на образованието очигледно почна да се користи и за политички опструкции со друга цел, надвор од интересите на учениците. Така, Сојузот на средношколците демантираше денес дека повикал или организирал на  бојкот поради дигитализацијата на учебниците.

-Тоа се лажни вести со кои одредени групи манипулираат со јавноста. Нема потреба од такви појави, објавија денеска од Сојузот.

Дел од медиумите објавија дека наставници и ученици од средните училишта се организираат да ја бојкотираат наставата, по најавата за воведувањето на дигитални учебници, откако во текот на ноќта ученици истите тие добивале организирани пораки со кои се повикувале на бојкот на наставата од некои пропагандни и манипулативни центри.

Од МОН апелираа да се следат само официјалните информации и одговори на прашања и дилеми во врска со Законот за учебници, кои на дневна основа ги дава Министерството и другите институции кои учествуваат во креирањето на промените.

„Сите други извори не се релевантни, а многу често и информациите кои се пласираат особено по социјалните медиуми имаат манипулативен карактер и цел да поттикнат несакани реакции токму од страна на учениците и нивните семејства“, велат од МОН.

Од Сојузот на средниошколци појаснија дека станува збор за намерни манипулации. 

„Сојузот никогаш не организирал ниту пак повикал на бојкот поради дигитализацијата на учебниците. Најпрвин, мораме да кажеме дека нема потреба од такви појави. Дигитализацијата на учебниците се однесува на само на IV одделение, според нашите информации. Само учебниците за IV одделение ќе бидат дигитални од септември, а многу години ќе поминат додека отпочне процесот на дигитализирањето на наставните материјали во средното образование. Наш став е дека секој ученик треба да го има правото да избере од каков учебник сака да учи. Но, ваквите повици за бојкот ги манипулираат и им штетат на средношколците. Многу ученици денес беа изманипулирани од страна на ваквите групи без да знаат за што точно се бојкотира или кој го организира тоа, затоа ги повикуваме образовните власти да ги оправдаат изостаноците.Ученици, овој бојкот е лажен и беспредметен!“, стоеше во дополнителната реакција на Сојузот на средношколци.

Бојкотот на наставата доаѓа на еден месец кога средношколците ги прават последните подготовки за државната матура и интерните испити.

На социјалните мрежи се формираше група под името „Учебници и настава мора да има“ каде родители се организираат против реформата. Најпрво беше направена онлајн петиција против воведување на дигиталните учебници, а истите членови најавуваат и отварање на пунктови ширум целата држава, а истовремено од нивна страна се подготвуваат и протести. Сето ова се најавува како граѓанска иницијатива.