Мојсоска: Новиот државен обвинител испорача сѐ што побара Мицкоски
Пратеничката од Левица, Јована Мојсоска, остро ги критикуваше последните одлуки на Советот на јавни обвинители, оценувајќи дека тие се донесени во интерес на актуелната власт и премиерот Христијан Мицкоски.
Во објава на социјалните мрежи, Мојсоска посочи дека по изборот на новиот државен јавен обвинител Савески, биле донесени низа одлуки кои, според неа, директно влијаат врз борбата против корупцијата.
Таа потсетува дека од функцијата била отстранета обвинителка од ОЈО ГОКК која, како што наведува, единствено ги гонела корумпираните полициски началници поврзани со трагичен настан. Дополнително, Мојсоска критикува дека Советот ја отфрлил претставката на обвинителката Ленче Ристоска против премиерот Мицкоски.
Во реакцијата се посочува и дека новиот државен обвинител го предложил именувањето на Јасмина Костеска Здравеска за шеф на Вишото јавно обвинителство, при што Мојсоска наведува контроверзии поврзани со нејзиното име и семејни врски со политички структури.
Мојсоска дополнително реагира и на укинувањето на суспензијата за вишиот јавен обвинител Јове Цветановски, како и на назначувањето на Анита Топалова Исајловска за заменик на државниот обвинител, потсетувајќи на нивни претходни одлуки во чувствителни предмети.
Според пратеничката, ваквите потези претставуваат сериозен удар врз независноста на правосудниот систем. Таа заклучува дека, како што наведува, „новиот државен обвинител испорачал сѐ што било побарано од страна на премиерот“.
Од Советот на јавни обвинители засега нема официјална реакција на ваквите обвинувања.