Модните компании го враќаат производството поблиску до дома


Модните брендови го сменија начинот на работење во пандемијата со Ковид -19, напуштајќи ги глобалните синџири на снабдување и евтините производствени центри во Азија, можеби на подолго време, а нивната нова производствена локација е Медитеранот, пренесува регионалниот бизнис портал СЕЕбиз.
Италијанскиот Бенетон веќе го проширува производството во Хрватска, Србија, Турција, Тунис и Египет и планира да го преполови капацитетот во Азија до крајот на следната година, изјави извршниот директор на компанијата Масимо Ренон.

Неговите планови даваат увид во пресметката зад трендот во голем дел од индустријата откако преоптоварените синџири на снабдување ги зголемија трошоците и го продолжија времето на испорака, поткопувајќи го деловниот модел од претходните 30 години.
„Стратешка одлука е да се има поголема контрола врз производствениот процес, но и врз трошоците за транспорт“, објаснува шефот на италијанската модна куќа, додавајќи дека групата веќе преместила повеќе од 10 проценти од производството од земји како Бангладеш, Виетнам, Кина и Индија.
„Денес, контејнер за испорака, кој чинеше 1.200-1.500 долари, може да чини од 10.000 до 15.000 долари, а датумот на испорака е неизвесен“, објаснува водачот на Бенетон.

Недостиг на бродови

Десеткратниот трошок за превозот е резултат на недостиг на достапни бродови, кои во голема мера застанаа во пандемијата и зголемената побарувачка, вели тој.

Иако трошоците за производство во Виетнам и Бангладеш се уште се 20 проценти пониски отколку во медитеранските земји, оваа предност се неутрализира со подолгото време на испорака поради прекините во снабдувањето.

„Поради недостиг на бродови, просечното време на испорака од Азија од поранешните четири до пет месеци се движи до денешните седум до осум“, додаде тој.

За споредба, кога се произведува облека во Египет, времето за испорака до магацините и продавниците во Европа може да се скрати на два или два и пол месеци, рече Ренон.

Во случај на облека од волна, која Бенетон ја произведува во Хрватска и Србија, може да се скрати на само четири до пет недели, додаде тој.

Затоа компанијата планира да го зголеми производството во Хрватска, Србија и Тунис, објаснува тој, додека соработува со добавувачи во Египет и Турција.

Побрза реакција

Производителите кои ќе изберат да го приближат производството до пазарите, најверојатно нема да ја сменат стратегијата во блиска иднина, со оглед на парите инвестирани во новиот модел.

Новиот извршен директор на „Хуго Бос“, Даниел Гридер, во септември рече дека очекува во иднина да произведува повеќе производи поблиску до продажните места.

Компанијата има свој производствен капацитет во Турција, произведува делови за чевли во Италија и костуми по мерка во седиштето во Мецинген, Германија.

„Значително ќе ги прошириме тие локации, бидејќи, меѓу другото, ќе ни овозможи побрзо да реагираме на трендовите и да бидеме пофлексибилни кога ќе се појават прекини во снабдувањето“, рече Гридер за Менаџер магазин.

„Тоа е вистинска конкурентска предност“, заклучи тој.

Воздушен транспорт

Канадскиот производител на спортска облека „Лулулемон“ во септември објави дека работи на преместување на производството од Виетнам каде и да е можно, со зголемена употреба на воздушниот транспорт и приоритетен производствен статус за клучните есенски стилови за да се ублажат проблемите во синџирот на снабдување.

Американскиот производител на облека „Гап“, исто така, инвестира во воздушниот транспорт за да го реши проблемот со доцнењето на испораката поради прекини во снабдувањето и затворање на фабриките во азиските земји.

Малопродажните компании генерално планираат да ја користат опцијата за воздушен транспорт за помали и поскапи производи, како што се облека, компјутери и модни додатоци и помала опрема за домаќинството, покажаа податоците од истражувачката фирма „Карго Фактс“.

Трошоци за работа и квалитет

Враќањето на индустријата од Азија, исто така, е под влијание на други фактори.

Главната предност на регионот беше ниската цена на производството, но дури и пред пандемијата, таа почна да се еродира со зголемените трошоци за работна сила.

Во четирите години пред пандемијата, реалните плати во светот се зголемија помеѓу 1,6 и 2,2 проценти, а нивниот раст во азиско-пацифичките и источноевропските региони го надмина растот во остатокот од Европа и Северна Америка, според Глобалниот извештај за плати за 2020 /2021 година на Меѓународната организација на трудот.

Челникот на Бенетон, исто така, ја издвојува промената на преференциите на клиентите, кои, според него, денес даваат предност на квалитетот пред цената.

„Трката меѓу производителите на облека за производство по пониска цена се чини дека падна во втор план. Потрошувачите се посвесни за квалитетот и сакаат нивната облека да трае подолго”, рече тој.