Модниот гигант H&M реши потполно да сопре со работа во Русија
Вториот најголем трговски синџир, компанијата H&M, соопшти дека одлучи потполно да го прекине работењето во Русија.
Со тоа се придружи на растечката листа на странски компании кои ја напуштаат оваа земја.
Овој мултинационален бренд ги суспендираше работните активности во Русија на почетокот на март, по нападот на Москва врз Украина. Русија беше шестиот најголем пазар на H&M, на кој компанијата го зголеми бројот на продавници додека на многу други пазари го намалуваше, пренесе Ројтерс.
„Во внимателно разгледување, заклучивме дека, со оглед на моменталната ситуација, не е можно да продолжиме со работа во Русија“, наведе во соопштение главната извршна директорка Хелена Хелмерсон.
Од комапнијата додадоа дека имаат намера привремено да ги отворат повторно продавниците во Русија, со цел да ги продадат останатите залихи.
Се проценува дека потполното затворање на H&M во Русија ќе ја чини компанијата две милијарди шведски круни (191,3 милиони долари). Целокупниот износ ќе биде вклучен како еднократен трошок во бизнис извештајот за третиот квартал.