Мобилна телефонија во Европа може да биде во прекин поради рестрикции на струја
Мобилните мрежи во Европа би можеле привремено да останат без напојување со електрична енергија оваа зима доколку владите се одлучат на мерки за ограничување на потрошувачката на струја, предупредуваат извори од телекомуникацискиот сектор.
Официјални претставници на телекомуникацискиот сектор стравуваат дека тешката зима може да ја стави на тест европската телекомуникациска инфраструктура и да ги принуди владите да се обидат да воведуваат мерки за ублажување на последиците од рестрикциите.
Во моментов, многу европски земји немаат доволно резервни системи за да се справат со поголеми прекини во електричната мрежа, што би ја оневозможило мобилната телекомуникација, изјавија директори на телекомуникациска компанија.
Земјите од Европската унија, вклучително и Франција, Шведска и Германија, се обидуваат да обезбедат нормална комуникација дури и при прекин во снабдувањето со електрична енергија, со потрошувачка на струја од резервни батерии на илјадници мобилни предаватели.
Во Европа има речиси половина милион предаватели, од кои повеќето со капацитет за резервно напојување во времетраење од околу 30 минути.
Во Франција, плановите наведени од дистрибутерот на електрична енергија „Енедис“ вклучуваат потенцијално исклучување до два часа во најлош случај, според два субјекти запознаени со проблематиката.
Целосно би била исклучена струјата само во одредени делови од државата, по принцип на ротација. Од рестрикции би биле поштедени болниците, полицијата и владините субјекти.
Владата, телекомуникациските оператори и „Енедис“, што е дел на државното претпријатие „ЕДФ“, за прашањето разговарале во текот на летото.
Француската федерација на телекомуникации (FFT), здружението кое ги претставува телекомуникациските компании „Orange“, „Bouygues Telecom“ и „Altice’s SFR“, фокусот на интересот го стави врз проблематиката оттаму што базните телекомуникациски станици не се изземени од можните ограничувања во електроснабдувањето.
Компанијата „Енедис“ не ја коментира содржината на разговорите со Владата по прашањето.
Франција има околу 62 илјади предаватели, а компаниите нема да можат да ги опремат сите со нови батерии, предупреди претседателката на „FFT“, Лиза Белуло.
Телекомуникациските компании во Шведска и Германија, исто така, изразиле загриженост до владите за потенцијалниот недостиг од електрична енергија.
Шведскиот телекомуникациски регулатор „PTS“ соопшти дека работи со компаниите и другите владини агенции за изнајдување решение.
Италијанската асоцијација за телекомуникации бара мобилната мрежа да биде изземена во случај на прекини или намалување испораки електрична енергија, додавајќи дека има намера да разговара за прашањето со новата италијанска влада.
Во Германија, „Дојче Телеком“ има 33 илјади предаватели, а неговите мобилни системи за итни случаи можат да поддржат истовремено функционирање само на мал број од нив, изјави портпаролот на компанијата.
Европските земји со децении немале проблеми со снабдувањето со електрична енергија, па затоа генерално не се опремени со генератори што би можеле да обезбедат струја при подолготрајни прекини во електродистрибутивната мрежа.