Мобилизацијата не ги решава проблемите на руската армија

Независниот тинк-тенк Институт за проучување на војната истакнува дека Путин нема ниту време ниту ресурси што му се потребни за да создаде ефективна воена сила од регрутите


Руски регрути

 

Делумната мобилизација на воено-возрасната популација во Русија веројатно нема значително да влијае на понатамошниот тек на војната во Украина, а некои аналитичари сметаат дека тоа дури може да го забрза падот на руските сили на бојното поле.

Според деталите од мобилизацијата што ги презентираше рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, таа ќе се однесува на оние кои имале „претходно воено искуство“, а нема да бидат поканети оние кои само служеле воен рок, како и студентите.

Од ова, некои аналитичари заклучија дека мобилизацијата најмногу ќе ги заобиколи урбаните области на Москва и Санкт Петербург – политички најчувствителните места, каде што масовното повлекување на младите луѓе во војната може да доведе до јавни протести, немири и дополнителен сериозен удар на руската економија.

Наместо тоа, мобилизацијата најверојатно ќе се фокусира на областите каде што досега беа направени најголемите напори за пронаоѓање „волонтери“ – сиромашни, рурални области, далеку од европскиот дел на Русија, каде што мнозинството од населението не се етнички Руси, туку членови на малцинските народи.

Независниот тинк-тенк Институт за проучување на војната посочува дека рускиот претседател Владимир Путин нема ниту време ниту ресурси што му се потребни за да создаде ефективни воени сили од регрутираните војници.

„Мобилизацијата во Русија не решава ништо“, рече на Твитер Мајк Мартин, експерт од Одделот за воени студии на Кралскиот колеџ во Лондон. „Потребни се месеци за да се претворат цивилите во војници, а на Русија ѝ требаат војници вчера, а не за шест месеци. Тоа не ги решава нивните проблеми со опремата или нивните логистички проблеми. Ниту, пак, ги решава нивните проблеми со склеротична командна структура која не може да донесе одлуки или да интегрира разузнавачки информации во нејзините операции“, тврди Мартин.

Русија е екстремно недоволно способна за обука на нови регрути, имајќи предвид дека целиот систем за обука беше главно демонтиран во претходните армиски реформи, а во сегашната ситуација, дури и мнозинството офицери за обука – како и речиси целиот воен персонал со значително искуство – веќе е испратено на бојното поле во Украина.

Следниот сериозен проблем е прашањето за опремување на новите трупи – западните аналитичари се крајно скептични дека Русија има доволно количество тенкови, пешадиски возила и оклопни транспортери што ќе им овозможат на новите трупи да бидат мобилни, реактивни единици способни за пробиви и маневарско војување. Своето мислење го засноваат на состојбата и количината на опрема што можеше да се види досега во војната во Украина, каде руските војници користеа запуштени и лошо одржувани борбени возила. Без тенкови и возила, новите единици би можеле да бидат чисто пешадиски единици, кои на хартија би можеле да ја чуваат внатрешноста на теренот, но реално тешко би ја бранеле по слаба и недоволна обука, вооружени само со пешадиско оружје.

Дополнителен проблем е значителното оптоварување на веќе преоптоварената руска логистика. Со слабата состојба на руската организација и редовните, прецизни удари на украинската армија по логистичките центри и рути, Русија веќе се бори со навремено снабдување со постоечките сили на теренот во Украина. Не само со гориво и муниција, туку и со основни работи, како храна, униформи, вреќи за спиење и други потреби. Руските трупи околу Херсон со недели преживуваат со помалку од една четвртина од потребната логистичка поддршка поради украинските напади на мостовите на реката Днепар.

Новите 300.000 војници во Украина не само што треба да се донесат на бојното поле, туку и да се вдомат, нахранат, да се снабдат со муниција и лекови, да се обезбедат основни услови за работа, што може да се покаже како невозможна мисија.