МНТ: Стоечки овации за македонските актери и „Ничија земја“ на фестивалот „Театар без граници“ во Ќустендил


Македонскиот народен театар синоќа ја отворил првата фестивалска вечер на новиот европски фестивал „Acting Europe – Театар без граници“ во Ќустендил, Бугарија. МНТ соопшти дека претставата „Ничија земја“ од Данис Тановиќ, во режија на Александар Морфов, била одиграна пред преполна сала со 700 гледачи, „кои ја наградија маестралната актерска игра со громогласни стоечки овации и петминутен аплауз“.

-Универзалната тема за апсурдноста на војувањето, која режисерот Морфов умешно ја преточил во претстава, силно ја допре публиката во Ќустендил, меѓу кои имаше и гледачи дојдени од Софија и од Македонија. Иако беа обезбедени преводи на бугарски и англиски јазик, речиси никој од присутните активно не ги следеше, затоа што публиката чувствено ја доживеа приказната преку импулсите на актерите, разбирајќи ја нивната емоција, соопшти Македонскиот народен театар. 

Во претставата играат: Сашко Коцев, Тони Михајловски, Александар Михајловски, Александар Микиќ, Борче Начев, Оливер Митковски, Софиа Насевска-Трифуновска, Гораст Цветковски, Томе Станковски, Александар Ѓорѓиески, Ненад Анѓелковиќ, Никола Стефанов, Стефан Спасов, Григор Јовановски, Кристина Гиева, Филип Миленкоски, Александар Ивановски и Марија Кондовска.

Фестивалот „Acting Europe – Театар без граници“, наведува МНТ, е нова европска иницијатива, „која ја степенува важноста на меѓукултурната разновидност на театарската сцена, преку претставување класични и современи продукции од различни земји“.

-Целта е поттикнување уметничка размена, дијалог меѓу културите и создавање долгорочни партнерства. Организаторите се фокусирани на копродукции создадени во духот на меѓународната соработка, кои го акцентираат потенцијалот за вмрежување, интердисциплинарни пристапи и поврзување преку границите. Првото издание на фестивалот обединува реномирани театарски куќи од Македонија, Србија и Бугарија, со програма која освен претстави, нуди и палета на професионални и културни активности: работилници и обуки со претставници на Европската комисија од Брисел, посветени на европско финансирање и мобилност за театри. Настанот се реализира под покровителство на Европската Унија, со поддршка на Претставништвото на Европската комисија во Бугарија, општина Ќустендил и Сојузот на артисти во Бугарија. Македонското учество е овозможено со поддршка на Министерството за локална самоуправа на Република Северна Македонија, преку Програмата за прекугранична соработка со Бугарија, финансирана од ЕУ, информира МНТ.