МНР „прокиснува“, ќе потроши половина милион евра за настрешница


Фото: Б. Грданоски

„И во 2025 година ќе се издвојуваат пари за проектот „Скопје 2014“. На кровот на палатата „Борис Сарафов“, односно објектот на Министерството за надворешни работи, ќе никне челична настрешница, за која ќе бидат потрошени максимум до половина милион евра“, објави ТВ 21.

Договорот е веќе склучен со градежната компанија „Пирамид билдинг солушнс“, која била единствен понудувач. Тендерот е спроведен во поедноставена процедура, а компанијата му е веќе позната на министерот Тимчо Муцунски, од периодот кога беше градоначалник во Општина Аеродром.

Оваа фирма била најмена од страна на Општината во 2023-тата година, за одржување на хигиена и комунални услуги. Вредноста на договорот била 335 илјади евра, но од Град Скопје најавија казна од 88 илјади евра за Општина Аеродром, затоа што  оваа фирма, наместо во „Дрисла“ сметот го одлагала до седиштето на ФФМ во Ново Лисиче. Муцунски, тогаш во својство на градоначалник, овие наводи ги демантираше.

Компанијата што ќе ја гради настрешницата на МНР често конкурирала на огласите на Општина Аеродром. Па така, го добила и тендерот од околу 700 илјади евра за реконструкција на скверот позади трговскиот центар Капитол.

Во јавно достапните документи од тендерот се наведува дека настрешницата ќе зафати околу 1.300 квадратни метри околу главната купола на кровот, но ќе се внимава и на поставените статуи.

„Изработката на основниот проект, предмет на оваа јавна набавка е со цел да се обезбеди валидна техничка документација за имплементација на градежни и градежно-занаетчиски работи за изведба на натстрешница над последното ниво – рамната тераса на објектот на МНРиНТ на улица „Филип Втори Македонски“ број 7, Скопје со цел на заштита од атмосферски влијанија (дожд, снег и град), со конструктивно и техничко решение во еден поголем дел за да на истата се постават фотоволтаични панели во иднина“, стои во проектната програма за јавна набавка. 

Андреј Жерновски, до скоро амбасадор во Романика,  жестоко удри за настрешницата.
 
„Не мора да се носат наочари за сонце, бидејќи не’ зафаќа се’ поголема сенка! Токму овој потег е она што и’ недостасуваше на македонската дипломатија последниве осум месеци. Очекувам со новата настрешница од половина милион евра да зајакнат напорите, а со тоа и резултатите, за побрза интеграција во ЕУ. Неопходното продолжување на проектот “Скопје 2014” не само што ќе биде поздравено од идејниот творец кој е на печалба во Будимпешта, туку сум убеден дека ќе биде и едногласно поздравено во седиштето на НАТО. Таму, веќе е познато дека не може да се биде рамноправен член без соодветен чадор”, напиша тој на Фејсбук.

 

Од Министерството за надворешни работи порачаа дека изградбата на настрешница над рамната тераса на објектот на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија е проект кој првично бил планиран за реализација во 2022 година.Како што велат, неговата цел е трајно решавање на долгогодишните проблеми со протекување на терасата, кое се јавува при секој пообилен дожд.