МНР ја повика Софија да престане со етикетирања
Министерството за надворешни работи вечерва излезе со реакција на соопштението на Министерството за надворешни работи на Република Бугарија, изразувајќи жалење што бугарската страна, како што наведуваат, сè почесто се позиционира како рецензент на изјави на македонски политички претставници, наместо како партнер во суштински и европски ориентиран дијалог. Од МНР нагласуваат дека Македонија нема ниту намера, ниту потреба да се вклучува во внатрешнополитичките или изборните процеси во Република Бугарија, ниту преку коментари, интерпретации или вклучување во дневнополитички наративи.
„Ги повикуваме бугарските институции да се водат од принципите на добрососедство, взаемна почит, предвидливост и институционална комуникација, принципи кои се темелни европски вредности. Европа се гради со доверба и резултати, а не со етикетирања и политички квалификации“, се наведува во реакцијата на МНР.
Претходно бугарското МНР изрази „длабоко разочарување“ од, како што го оцени, континуираниот неконструктивен пристап на официјално Скопје и повторливите, нејасни и манипулативни изјави во јавноста. Во соопштението, бугарското МНР конкретно реагира на изјавите на министерот Тимчо Муцунски за наводна иницијатива на „поголеми и повлијателни“ земји членки на Европската Унија за организирање средба меѓу него и неговиот бугарски колега Георг Георгиев, оценувајќи ги тие тврдења како манипулативни.
„Европскиот консензус од 2022 година беше едногласно усвоен од сите земји членки на Европската Унија, како и од самата Република Северна Македонија. Дијалогот е институционален и се води меѓу земјата кандидат и ЕУ, а имплементацијата зависи исклучиво од Скопје“, наведуваат од бугарското МНР.
Бугарската страна посочува дека и покрај подготвеноста за отворен дијалог, министерот Муцунски покажал неподготвеност тоа да го направи и во пракса. Како пример ја наведуваат одбиената покана за негова посета на Софија на 25 ноември 2025 година, по повод одбележувањето на делото на Свети Климент Охридски, кого го опишуваат како значајна историска личност од заедничката историја на двете земји.
Во соопштението се осврнуваат и на нацрт-планот за правата на заедниците, кој, според Софија, бил отфрлен од бугарската заедница во Северна Македонија како неприфатлив поради недостиг на фундаментални принципи за заштита на човековите права.
„Очекуваме да бидат слушнати легитимните барања на нашите сонародници во Република Северна Македонија“, порачаа од бугарското МНР.