ММФ, Светска банка и Г20 создаваат правила за дигитални валути на централните банки


Меѓународните финансиски институции и 20-те најголеми економии во светот (Г20) воспоставуваат официјални стандарди за регулирање и издавање дигитални валути од страна на централните банки. До крајот на 2022 година, регулаторната рамка за „стабилкоин“ треба да биде завршена.

После веста дека Кина им поделила дигитален јуан на граѓаните на Шенжен за да го тестира нивното функционирање, следува извештај составен од министрите за финансии и гувернери на централни банки од 19 земји и Европската унија (Г20), Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Светската банка и Банката за меѓународни порамнувања (БИС). Во него се наведува дека стабилкоинот треба да биде заменлив со постојните форми на пари, да потсетува на готовината во едноставната употреба, но исто така и дека неговата употреба не создава трошоци или тие се мали.

Системите за дигитални валути на централните банки (ЦБДЦ) треба да бидат поврзани со наследни финансиски технологии, така што тие ќе извршуваат голем број трансакции во секое време. Исто така, тие треба да се придржуваат кон регулативата и надзорот што се однесуваат на парите што веќе се во оптек, како и дека централните банки го имаат главниот збор. Она што е важно, бидејќи сè се одвива во дигиталниот простор, е да се биде отпорен на хакерски напади и други технички предизвици.

Системите ЦБДЦ можат да ги подобрат прекуграничните плаќања, но важна разлика во споредба со класичните дигитални валути, како што е Биткоин, е што зад овој систем не стои блокчејн технологијата на анонимни студенти, туку централната банка, која има контрола над сите трансакции.

Европската централна банка и Банката на Јапонија исто така соопштија дека размислуваат за издавање дигитална валута. Во Јапонија, дигиталниот јен треба да се тестира на пролет, а за сега нема индикации кога еврото би можело да го добие својот дигитален пандан.