ММФ ја влоши прогнозата за падот на македонскиот БДП од минус 4 на минус 5,5 оваа година
ММФ смета дека македонската економија годинава ќе забележи пад од минус 5,5 отсто што е влошување во однос на прогнозата од јуни годинава за пад на БДП од 4 отсто, но и за два процентни поени полоша од прогнозите на Владата и на Народната банка .
Новата процена во интервју за неделникот Капитал ја соопшти регионалниот резидентен претставник на ММФ за Западен Балкан, Стефани Ебле, според која и таа е исклучително неизвесна, односно зависна од неколку фактори поврзани со јавното здравје и со економски последици кои се без преседан и во основа се тешки да се предвидат.
„Прогнозираме дека економијата на Северна Македонија ќе се намали за речиси 5,5% во 2020 година. Ова е без преседан досега, но е помалку од она што, на пример, е прогнозирано за Европската Унија. Очекуваме по ваквото намалување да следи силно закрепнување во 2021 година. Сепак, неизвесноста во врска со прогнозата е невообичаено голема, затоа што се потпира на фактори поврзани со јавното здравје и на економски фактори кои се без преседан и во основа е тешко да се предвидат“, вели Ебле за „Капитал“.
Таа вели дека Владата и НБРСМ имале клучна улога во ублажувањето на економското и општествено влијание на пандемијата.