ММФ: Глобалниот долг би можел да надмине 123 отсто од светскиот БДП до крајот на деценијата
Светскиот јавен долг би можел да надмине 100% од глобалниот бруто домашен производ (БДП) до крајот на оваа деценија, што би било највисоко ниво на задолженост од 1948 година, по Втората светска војна, според најновиот извештај на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
Според Фискалниот монитор на ММФ, зголемените трошоци за сервисирање на долгот сè повеќе ги оптоваруваат државните буџети, додека во исто време трошоците за одбрана растат, а стареењето на населението дополнително ги зголемува фискалните притисоци.
„Постои ризик светскиот јавен долг да достигне дури 123% од глобалниот БДП до 2029 година“, предупредува ММФ.
Периодот на евтино задолжување помеѓу глобалната финансиска криза и пандемијата COVID-19 е завршен, а трошоците за задолжување веќе вршат притисок врз буџетите, објави Блумберг.
„Каматните стапки значително се зголемија на глобалните пазари, а нивната идна траекторија е многу неизвесна“, се наведува во извештајот.
ММФ, исто така, истакнува дека значителен дел од владините трошоци одат за плати на вработените – во просек 25% во развиените економии и 28% во земјите во развој. Кога јавните долгови се веќе високи, овие фиксни трошоци дополнително го ограничуваат фискалниот простор на владите бидејќи голем дел од буџетот оди однапред за овие обврски.
Оваа недела, министрите за финансии и гувернерите на централните банки се собраа во Вашингтон на годишните состаноци на ММФ и Светската банка, каде што разгледуваат опции за политика за поттикнување на економскиот раст, борба против инфлацијата и управување со растечкиот јавен долг.