МЛС: Уставот е над законите, советниците да го почитуваат Уставот


Министерството за локална самоуправа денеска преку соопштение побара од сите единици на локалната самоуправа да го почитуваат Уставот и законите на оваа држава и потенцираат дека нема да се дозволи незаконско работење на советите.

-Имајќи го предвид начинот на конституирање на новоизбраните совети во некои од општините и давањето на свечената изјава од страна на новоизбраните членови, а во врска со примената на уставното име на Република Северена Македонија, Министерството за локална самоуправа го дава следново мислење: Уставот на Република Северна Македонија, во Главата 1.Основни одредби, член 8, ставот (1) алинеја 3 и 9, како едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија, ги утврдува владеењето на правото и локалната самоуправа. Според членот 51 од Уставот „Во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите“, се вели во соопштението од Министерството за локална самоуправа.

Од Министерството појаснуваат дека амандманите XXXIII, XXXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија, Собранието на Република Македонија ги донесе и прогласи на седницата одржана на 11 јануари 2019 година. Согласно Амандманот XXXIII на Уставот зборовите:„Република Македонија“ се заменуваат со зборовите „Република Севеерна Македонија“, а зборот „Македонија“ се заменува со зборовите „Северна Македонија“, освен во членот 36 од Уставот на Република Македонија.

-Уставниот закон за спроведување на Амандманите XXXIII, XXXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија во членот 1 став (1) утврдува дека „Амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија влегуваат во сила со влегувањето во сила на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство во НАТО од Првата страна на Конечната спогодба“ се нагласува во соопштението.

Според Министерството за локална самоуправа, согласно членот 2 став (1) од овој Закон „Одредбите од Амандманот XXXIII во прописите и другите акти на државните органи се применуваат од денот на влегувањето во сила на овој закон“. Во членот 6 од истиот закон е утврдено дека „Овој уставен закон за спроведување на Амандамните од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија го прогласува Собранието на Република Македонија и влегува во сила со денот на влегувањето во сила на уставните амандмани“.

-Владата на Република Македонија во Службен весник на Република Македонија бр.36/2019 објави дека „Условите предвидени со Одлуката за прогласување на Амандманите XXXIII, XXXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија се исполнети и амандманите XXXIII, XXXXIV, XXXV и XXXVI на Уставот на Република Македонија, што Собранието на Република Македонија ги донесе на седницата одржана на 11 јануари 2019 година, велгуваат во сила на 12 февруари 2019 година. Со влегувањето во сила на уставните амандмани XXXIII, XXXXIV, XXXV и XXXVI влегува во сила и Уставниот закон за спроведување на амандманите од XXXIII до XXXVI на Уставот на Република Македонија, што Собранието на Република Македонија го донесе на седницата одржана на 11 јануари 2019 година“, велат од Министерството.

Оттаму додаваат дека Законот за локалната самоуправа како системски закон кој уредува прашања кои се однесуваат на локалната самоуправа, во членот 37 и 38 содржи одредби со кои се утврдува начинот на конституирање на советот.

-Согласно членот 37 од овој Закон „Првата седница на новоизбраниот совет ја свикува претседателот на претходниот состав најдоцна во рок од 20 дена од денот на завршувањето на изборите. Ако советот не се свика во рок од ставот 1 на овој член, членовите на советот сами се состануваат и под претседавање на најстариот член на советот го конституираат советот во рок од десет дена по истекот на рокот од ставот 1 на овој член. Ако седницата не се одржи во рокот од ставот 2 на овој член ќе се распишат нови избори за членовите на советот на начин утврден со закон“. Во членот 38 од истиот Закон е утврдено задолжителната обврска на членовите на советот да дадат и потпишат свечена изјава, согласно содржината утврдена во овој закон. Во содржината на оваа изјава се содржани зборовите „Република Македонија“ бидејќи не е извршена измена на Законот за локална самоуправа и истиот не е усогласен со амандманот XXXIII, се наведува во соопштението.

Од Министерството нагласуваат дека имајќи го во предвид фактот дека Уставот е највисок правен акт во државата, а уставните норми имаат супериорно најсилно правно дејство, односно согласно цитираниот член 51 од Уставот сите закони и прописи мора да бидат во согласност со уставот, неспорно е дека зборовите „Република Македонија“, согласно Амандманот XXXIII се заменуваат со зборовите „Република Северна Македонија“ и неспорно е дека употребата на овие зборови, односно употребата на уставното име на државата во сите прописи и акти на државните органи започнува со денот на влегувањето на сила на уставните амандмани, односно од 12 февруари 2019 година.

-Имајќи го предвид наведеното јасно произлегува дека употребата на уставното име на државата директно и непосредно се применува во прописите и актите, а со тоа и директно се применува и во членот 38 од Законот за локалната самоуправа, создавајќи обврска при примената на овој член да се користи уставното име на државата, односно да се користат зборовите „Република Северна Македонија“ во свечената изјава која треба да ја дадат и потпишат новоизбраните членови на советите. Секоја употреба на други зборови, освен зборовите „Република Северна Македонија“ во свечената изјава е спротивна на Уставот на Република Северна Македонија, како највисок правен акт во хиерархијата на правниот поредок, се појаснува во соопштението од Министерството за локална самоуправа.

Од Министерството ја потенцираат и законската обврска којашто ја имаат новоизбраните членови на советот за давање и потпишување на свечената изјава, со сдржина согласно Закон и Устав, како формален чин, којшто заедно со верификацијата на мандатот се неопходни заради полноправно вклучување на новоизбраните членови на совет во работата на советот.

-Во таа насока, го споменуваме Решението на Уставниот суд на Република Северна Македонија, заведено под У.бр. 115/2006 од 20 декември 2006 година, согласно кое според оценката на Судот „се до моментот на давањето на свечената изјава/заклетва, тоа лице има својство на член на Совет и може да присуствува на седниците на Советот, неговото присуство е релевантно за потребниот број за работа на Советот на општината/единицата на локалната самоуправа, но заради формалниот недостаток нема право да одлучува, односно истиот нема право на глас“, велат од Министерството за локална самоуправа.

Според Министерството, имајќи ги предвид штетните последици коишто можат да произлезат од нефункционирањето на советите, односно општините, како и штетните последици со коишто се нарушува меѓународннот углед на државата и се поткопува правниот поредок на Република Северна Македонија, поради непочитување на Уставот и ратификуваните меѓународни договори, неопходно е градоначалникот, за членовите на Советот и за општинската администрација да се придружуваат кон Уставот и законите, во делот на нивните обврски.