Младите имаат поголеми шанси да бидат избрани за советници, отколку за градоначалници


Младите имаат поголеми шанси да бидат избрани за советници отколку за градоначалници или пратеници, покажува истражувањето што беше спроведено за време на локалните избори од страна на Фондацијата за демократија на Вестминстер (ВФД).

Според истражувањето, просечната возраст на избраните советници е 39,63 години, а на градоначалници е 42,67 години. Просечната возраст на избраните пратеници на изборите во 2020 била 44,82 години.

Само шест политички субјекти меѓу своите кандидати за градоначалници имале млади, а 43 политички субјекти воопшто немале.

Три проценти од кандидатите за градоначалници биле на возраст до 29 години, а од вкупно 299 кандидати за градоначалници, 8,3 проценти биле жени, а само три проценти биле млади жени.

– Дури и кога младите се наоѓаат на листите, тие се на помалку добитни места, се констатира во истражувањето.

Кога станува збор за кандидатите за советници, од вкупно 10.532 кандидати, 26,4 проценти се млади, но само 17,4 проценти од избраните советници се млади. Највисоки позиции на листите имаат младите во руралните средини (35,6 проценти), потоа во урбаните општини (24,3 проценти), а најниски во општините во Град Скопје (16,3 проценти).

– Најголем дел од прашањата кои влијаат врз квалитетот на живот на младите се во надлежност на локалната самоуправа. Од образованието и детската заштита, урбанизмот и локалниот сообраќај, до управувањето со отпад и заштитата на животната средина, сите овие области директно влијаат врз секојдневието на младите. Затоа е важно во органите на локалната самоуправа да бидат вклучени млади кои ќе ги пренесат потребите на оваа група на граѓани, истакна Дамир Незири, претставник на фондацијата ВФД во земјава на денешната дискусија за позицијата на младите како кандидати на локалните избори 2021.

Дел од препораките на истражувањето се политичките партии да водат грижа и да им дават поддршка на младите кандидати во политичките процеси и да се воспостават квоти во рамки на партиите за застапеност на младите како кандидати. При самите избори, да се користи и за да се обезбеди статистика за излезноста и учеството на младите и жените во изборниот процес.

Истражувањето е направено врз основа на официјалните податоци за кандидатите објавени на веб страницата на Државната изборна комисија, а автори на трудот се Јована Ѓорѓиовска и Блажен Малески.