„Мизерно и левичарење“: Славески не сака да одговара како е кога зема 3.000 евра плата


Гувернерот Трајко Славески тврди дека крајната цена ќе биде повисока за два или три пати

 

Некои додека студираа работеа преку Студентската задруга за да ги пополнат малку повеќе своите финансии. Некои работеа на шанкови во кафеани, некои во градежни потфати. Но ретко кој зборува колку му било „мизерно“ кога тешко врзувал крај со крај.

Сега јавноста треба да има ретроактивно жалење за гувернерот на централната банка, Трајко Славески, за неговите години кога како стипендист бил во Америка и добивал 500 долари финансиска помош. Со нив едвај преживувал. Тој е речиси навреден што никој не го прашува за неговите тогашни тешки времиња, туку го прашуваат сега за платата од 3.000 евра како гувернер.

Во гостувањето во емисијата „Бизнис 21“ на ТВ 21 Славески беше речиси гневен на таквото прашање и ја искара новинарката Александра Филиповска дека поставува „некоректни прашања“ околу неговата плата од 3.000 евра и минималната на работниците од 400 евра.

„Вашето прашање не е коректно. Јас имам 40 години работен стаж, а инвестиции од основно до докторат, а гладување на Запад, со 500 долари стипендија треба да го поминам месецот итн., за тоа никој не ме прашува. Тие споредби е такво левичарење, поставување на вакво прашање, тоа е толку некоректно и мизерно, така што не треба да биде предмет на дискусија“, истака тој.

Професорот уште велеше во јавноста се извртело значењето на минималната плата. Таа, според него, не гарантирала дека може да се издржува четиричлено семејство и дека оние што земаат минимална плата треба да работат по 2-3 работи за да имаат пристоен живот.

„Го извртевме значењето на минималната плата, во светот таа не гарантира дека може да се издржува четиричлено семејство. Јас сум работел за минимална плата во САД, во Бостон, во супермаркет додека студирав. Се знае каков стандард можете да обезбедите со тоа, и тие што земаат минимална плата работат по 2-3 работи. Би порачал во одреден период во животот, тоа не е срамота, како дополнителна работа може да работи за минимална плата, но трудете се никогаш повеќе, според своите квалификации, да не се најдете во ситуација да барате минимална плата“, вели Славески.

Од СДСМ велат дека Трајко Славески со платa од 3.000 евра им порачува на граѓаните да работат по три работи. Тоа е лицемерие на човек кој цел живот е во фотелји, земал плата над 3.000 евра, и сега ги поучува граѓаните дека не треба да очекуваат повеќе – туку да се распарчуваат на три фронта за да преживеат.

„Новиот гувернер Трајко Славески, уште на почетокот го покажа својот вистински лик – надмен, без допир со реалноста и на страната на крупниот капитал, а не на граѓаните. Славески очигледно не знае дека не се сите како него. Не се сите на државна плата, не се сите родени со функција и поврзани со елитата“, рекоа од СДСМ.