Митева: Македонија е жртва на лоши политичари три децении

Портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ и член на Извтршниот комитет, Марија Митева, изјави денес дека три децении Македонија и македонскиот народ се жртви на слаби политичари – период кој го опфаќа во голема мерка и владеењето на нејзината партија.
Во реакцијата за одлуката на Брисел да им даде преговори на Украина и Молдавија, во ситуација кога Македонија остана блокирана со барањето за уставни реформи, Митева даде и други куриозитетни оценки. Откако оцени дека Македонија заслужува веднаш да почне преговори со ЕУ, таа се демантира самата, велејќи дека Македонија не е функционална држава, дека системот е пропаднат, институциите разнишани, а економска стабилност не постои. Во ова „сакам да кажам – не знам како“ соопштение, Митева одговорноста ја наоѓа во погрешната политика на премиерот Димитар Ковачевски и Бујар Османи, иако ВМРО-ДПМНЕ го блокира исполнувањето на условот од ЕУ.
Покрај тоа ВМРО-ДПМНЕ е единствената денес, покрај Русија, која место да им честита на Украина и на Молдавија за историската одлука, практично ја оспорува, што со оглед на човечките жртви во Украина е политички неморално.
„Одлуките на вчерашниот Самит во Брисел покажаа дека Ковачевски и Османи, водејќи погрешна надворешна политика ја донесоа Македонија во очајна ситуација.Почетокот на преговорите за Украина и Молдавија е чекор кој ВМРО-ДПМНЕ го поздравува, но воедно покажува дека Македонија заслужува почеток на преговорите со ЕУ веднаш.
Она што е најголем пораз за Македонија е Ковачевски кој деновиве во Брисел наместо да лобира за старт на преговорите тој лови руски коалиции и кажува измислици. На Македонија ѝ треба премиер кој се бори за кауза, наместо политиканство. Очекуваме да води јасна политика и од ЕУ да побара итен почеток за преговори. Граѓаните со право го имаат впечатокот дека Македонија не се изборила за поповолна позиција, како што тоа го направи Украина со сите свои недостатоци.
Веќе три декади Македонија и македонскиот народ се жртва на слаби политичари, кои не знаат да се изборат за националните интереси. Ако власта беше способна да ја убеди ЕУ во вистинските вредности, за борба против криминалот и корупцијата, тогаш Бугарија не би била пречка. Но, недвосмислено се потврдува дека политичарите од ЕУ и европските држави не сакаат да седат на иста маса со криминалците од СДС и ДУИ.
Македонија не е функционална држава, системот е пропаднат, институциите разнишани, економската стабилност не постои. Сосема е лесно да ги идентификуваме главните причини поради кои Македонија не ги започна преговорите со ЕУ. Власта на Ковачевски и Ахмети ги има сите точки на спојување на политичка корупција, па затоа е во право Бујар кога вели дека темни антиевропски сили држат во заложништво два милиони граѓани. Некои од нив се и на ‘темни’ листи, како Рамиз Мерко, а некои како Талат го злоупотребуваа европското знаменце за лотаријата на ДУИ.
Ако СДС е толку европска партија и тврди дека Македонија нема друг проблем за почеток на преговорите освен Бугарија, тогаш зошто Ковачевски и Маричиќ не предложија Бугарија да ја напушти собата на кратко, но поважно е да одговорат, зошто претставниците на ЕУ не ни помислуваат да предложат вакво нешто за Македонија. Одговорот е едноставен, сите европски чинители лоцираат епидемија на корупција во Македонија, лоцираат дека владината гарнитура е недопирлива, а судската власт е нивен заштитник. Со силна дипломатија, со чесна политика и длабоки реформи ќе ја вратиме Македонија достоинствена на евроинтегративниот пат“, вели Митева, од партијата чиј најблизок политички сојузник е Виктор Орбан, лидерот што денес сите го критикуваат како „Путин на масата во Брисел“ и „ Тројански коњ на Русија во ЕУ“, со кого можат да нѐ изнесат уште поуспешно од процесот.