Министрите кои ги туркаа реформите на врвот на листите на СДСМ


Од синоќешниот конгрес, впечатлива е повторна доминација на црвената боја во партиската иконографија (Фото: Борис Грданоски)

Министерката за одбрана Шекеринска повторно е единствената жена на врвот на листите на СДСМ и повторно во петата изборна единица. По завршувањето на конгресот, Заев ги наброја приоритетите во шесте изборни единици

Евроатлантската агенда ќе биде во фокусот на кампањата на коалицијата на СДСМ, ако се суди според реториката на партискиот лидер и според структурата на кандидатските листи од синоќешниот конгрес на СДСМ.

На врвот на листите на СДСМ, всушност, се најдоа министрите во чии ресори се одвиваа клучните реформи во изминатиот период. Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, е единствениот носител на листа кандидиран од владејачката партија кој не доаѓа директно од извршната власта на чело на листата во третата изборна единица. Тој беше министер за земјоделство се допретседателските избори минатата година, кога се повлече од извршната власт и ја зазема највисоката оперативна функција во СДСМ. Затоа, пак, неговиот претходник во СДСМ Александар Кирацовски, според рангирањето што излезе во јавноста, очекувано не е во првата десетка на листите  на СДСМ. Највисоко рангиран  во „петката“ е досегашниот координатор на пратеничката група на СДСМ, Јован Митровски од Струга, кој е во тандемот со Радмила Шекеринска. Втора на листата во третата изборна единица, пак, е досегашната пратеничка Јагода Шахпаска.

Министерката за одбрана Шекеринска повторно е единствената жена на врвот на листите на СДСМ и повторно во петата ИЕ. За неа се очекува ветер во кампањата овој пат да биде официјализирањето на членството на Северна Македонија во НАТО, за што, по десетгодишната блокада, иницијална каписла беше Преспанскиот договор.

Последните навестувања од ЕУ за исправање на „историската грешка“ од самитот во Брисел во октомври минатата година кога Северна Македонија не доби датум за почеток на преговори, практично ја релативизираат причината поради која беа договорени предвремени парламентарни избори. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, по конгресот, потврдувајќи ги двојките на врвот на листите, рече дека сега, „кога државата е на вистинскиот пат, кога станува дел од НАТО и започнува преговори со ЕУ“,  важно е да продолжиме уште поисилно по тој пат.

 

„Важно е да продолжат реформите, да продолжат да растат платите и пензиите, да расте економијата, да растат инвестициите, да продолжи развојот на инфраструктурата, да продолжат вложувањата во образованието, здравството, социјалната заштита. Две и пол години покажуваме дека можеме. Можеме да работиме и на домашен и меѓународен план, можеме да обезбедиме стабилност, сигурност и иднина. Можеме да обезбедиме пари за се во нашето општество, да вложуваме секаде и во секого. Докажавме, а во новиот мандат ќе потврдиме дека можеме уште повеќе и уште подобро“, изјави Заев.

Во очекување на деблокада на пристапниот процес во ЕУ, досегашниот министер за надворешни работи Никола Димитров, чиј потпис стои и на Преспанскиот договор, е единствено ново име на листите на СДСМ, со оглед на тоа што тој не беше кандидат за пратеник на изборите во 2016 година. Тој оди во тандем со актуелната вицепремиерка Мила Царовска, која до формирањето на техничката влада беше на чело на Министерството за труд и социјална политика, еден од ресорите во кои се спроведоа големи реформи, со оглед на левичарската програма со која настапи СДСМ на изборите во 2016 година. Скопската изборна единица се смета за една од одлучувачките за исходот на изборите. На претходните избори СДСМ таму го имаше најдобриот резултат, кога носител на листата беше сегашниот претседател на државата, Стево Пендаровски. Се најваува дека ривал на Димитров од редовите на ВМРО-ДПМНЕ може да биде претседателската канидатка Гордана Силјановска-Давкова.

Техничкиот премиер Оливер Спасовски, во чиј ресор додека беше на чело на МВР се подготвуваа реформските закони од областа на безбедноста, согласно со препораките на тимот на Рајнхард Прибе, оди повторно како носител во втората (кумановска) изборна единица, заедно со директорката на УЈП, Сања Лукаревска, за која ова е прва кандидатура за пратеничка. Заев, по четврти пат е носител на листата во четворката, за во тандем со него е Соња Мираковска, долгогодишна пратеничка на НСДП.

Првото место во шестата изборна единица овој пат му припадна на новиот колаициски партнер на СДСМ, лидерот на Беса Билал Касами. Во 2016 година, тука носител беше актуелниот градоначалник на Скопје Петре Шилегов. Сега, СДСМ на второ место во оваа изборна единица ја кандидира Фаница Николовска.

Покрај Спасовски и Царовска, уште двајца од вкупно петтемина потпретседатели на СДСМ се високо рангирани на новите кандидатски листи. Според досега објавените информации, министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и пратеникот Мухамед Зекири се на третите позиции во првата и во втората изборна единица. Затоа, пак, поранешната потпретседателка на СДСМ и досегашна потпретседателка на парламентот Фросина Ременски, очекувано, не е во добитните комбинации.

Од најекспонираните министри од СДСМ, забележливо е „отсуството“ во добитна комбинација на Рената Треневска-Дескоска, која, пред извесно време, беше избрана за претставник на земјава во Венецијанската комисија. Иако низ нејзиниот рессор поминаа повеќе реформски закони од областа на правосудството, членството во комисијата на Советот на Европа, вројатно, е „компензацијата“ за тоа што Дескоска не е во добитните комбинации на листите, наспроти позициите што ги имаше на изборите во 2014 и во 2016 година. Исто така, ги нема имињата на министрите за здравство и за финансии Венко Филипче и Нина Ангеловска, кои, сепак, не се високо позиционирани  во партиските структури на СДСМ.

На листите што ги утврди Централниот одбор на СДСМ има многу нови имиња од градовите што влегуваат во состав на шесте изборни единици. Но забележително е  дека нема значителен дел од досега поекспонираните пратеници на партијата, како Хари Локвенец… Од Прилеп, највисоко рангиран е Миле Талески во четвртата ИЕ, на трета позиција. Во истата изборна единица, четвртото и петтото место им припаднаа на двајца од Кавадарци – Даниела Колева, а потоа Панчо Минов, кој во досегашниот собраниски состав влезе како претставник на Гром, од листа на ВМРО-ДПМНЕ, но потоа гласаше за прогласување на уставните измени што произлегоа од Преспанскиот договор и за Законот за јавно обвинителство.  И Зекир Рамчиловиќ, кој беше дел од независната пратеничка група, а потоа стана потпретседател на парламентот, е на 10. место во третатата изборна единица.

Од коалициските партнери на СДСМ, НСДП ги предложи досегашните пратеници Мираковска и Горан Мисовски, кој исто така е потпретседател на Собранието. ЛДП, пак, оди со нови имиња за пратеници, така што и партискиот претседател Горан Милевски не е кандидиран за пратеник.

По завршувањето на вчерашниот конгрес, Заев ги наброја приоритетите во шесте изборни единици, посочувајќи како носителите на листите ќе придонесат за нивно остварување. Граѓаните во изборната единица еден очекуваат правда и правичност, интеграција во ЕУ, повисоки плати и пензии и чиста животна средина, рече Заев.  За втората изборна единица, тој наведе дека во фокусот е економски раст и развој, модерна инфраструктура и грижа за најранливите, сигурност и безбедност.

Силно и конкуретно земјоделство, повисоки плати и можности за младите, подобро здравство ова го нудиме пред граѓаните во изборната единица три, рече Заев. Во изборната единица четири, наведе, влегуваме со силни инвестиции во инфрастурктирата, со уште посилна поддршка за земјоделците и уште повеќе можности за младите.

За петтата изборна единица вети стабилност, безбедност, странски инвестиции, раст на платите и силна поддршка на туризмот. За „шестката“, пак, потенцира дека тука уште еднаш ќе се потврди концептот „едно општество за сите“.

„Можеме. Уште повеќе. Уште подобро“ е слоганот кој ќе провејува низ кампањата на СДСМ на вие избори. Од синоќешниот конгрес, впечатлива е повторна доминација на црвената боја во партиската иконографија, која почна да се користи повеќе од стартот на кампањата „На прав пат“, наспроти сино-жолтата боја која до скоро беше препознатлив знак на партијата.     (Н.В.)