Министри на Грција и САД разговарале за енергетиката, во фокусот најавените истражувања јужно од Крит

За стратешките односи меѓу Грција и САД, како и енергетските случувања кои директно ги засегаат двете земји телефонски разговарале грчкиот министер за животна средина и енергетика Ставрос Папаставру и американскиот секретар за внатрешни работи и претседавач со Националниот совет за енергетика Даг Бургум, јави дописничката на МИА од Атина.
Од Министерството за животна средина и енергетика на Грција соопштија дека посебен акцент во телефонскиот разговор бил ставен на неодамнешната одлука на грчката Влада да го прифати изразениот интерес на американската компанија „Шеврон“ (Chevron) за вршење истражувања за природен гас јужно од островот Крит
– Двете страни се согласија дека ова е многу важна разврска што ги зајакнува блиските билатерални односи меѓу двете земји, соопштија од грчкото Министерство.
Како што објави МИА минатата седмица, Министерството за енергетика и животна средина на Грција даде зелено светло за изразениот интерес од американската компанија „ Шеврон“ за спроведување истражување за јаглеводороди во два блока во морскиот дел јужно од островот Крит, односно во блоковите „Јужен Крит 1“ и „Јужен Крит 2“.
„Шеврон“ е втора по големина приватна американска компанија во светот, активна во секторот за јаглеводороди со широко присуство во источниот Медитеран, со истражувачки активности во Египет, Израел и Кипар.