Министерството за енергетика се пофали со две реализирани реформски активности


Фото: Б. Грданоски

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС) активно ја спроведува Реформската агенда 2024–2027 во областа на енергетската транзиција, истовремено реализирајќи ги реформските активности и усогласувајќи ја националната регулатива со европското законодавство. Како резултат на овој континуиран процес, Европската комисија во својот Извештај од 20 мај 2026 година официјално потврди дека два реформски чекори се целосно исполнети.

Како што информираат од МЕРМС, првиот целосно исполнет реформски чекор се однесува на воспоставувањето и целосната операционализација на структурите за управување со процесот на праведна транзиција. Со формирањето и ставањето во функција на сите предвидени тела, како и усвојувањето на годишниот план за спроведување, Европската комисија потврди дека механизмот за управување е воспоставен и целосно функционален.

Вториот потврден реформски чекор е донесувањето на тригодишниот План за реновирање на зградите на централната власт, усогласен со европските цели за енергетска ефикасност. Истовремено, обезбедена е и финансиска поддршка за негова понатамошна реализација, што овозможува навремено спроведување на планираните активности.

-Покрај ова, Министерството целосно ги реализираше сите активности и процедури предвидени за уште два реформски чекори, за кои комплетната документација е доставена до Европската комисија. Во тек е процесот на нивна верификација и се очекува тие да бидат оценети во рамки на следниот извештај на Европската комисија. Станува збор за целосното транспонирање на Пакетот за интеграција на пазарот на електрична енергија, во согласност со барањата на Енергетската заедница и постепеното намалување на јавната интервенција во определувањето на цените, посочуваат од МЕРМС.

Паралелно, додаваат, Министерството активно го спроведува и реформскиот чекор што се однесува на воведување мерење и наплата врз основа на индивидуална потрошувачка, преку поставување индивидуални броила онаму каде што тоа е технички изводливо и економски оправдано, во согласност со европските директиви.

Во тек е реализацијата и на останатите реформски чекори предвидени со Реформската агенда. За дел од нив е предвиден грејс период за исполнување, додека останатите имаат рокови до декември 2026, јуни 2027 и декември 2027 година. Сите активности се реализираат согласно утврдената динамика, при што Министерството редовно известува за постигнатиот напредок кон Европската комисија.

Со досегашната реализација, како што велат, Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини потврдува дека реформите во енергетскиот сектор се спроведуваат навремено и во согласност со европските стандарди, со јасна цел – забрзување на енергетската транзиција, усогласување со законодавството на Европската Унија и обезбедување пристап до средствата од Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан.