Министерство за култура до ДЛУМ: Немаме надлежност да финансираме вработувања на здруженија


Соработката со Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) продолжува во насока на изнаоѓање на најсоодветно решение за проблемот со недостиг на простор и вработување на едно лице, притоа имајќи предвид дека ДЛУМ е здружение, а Министерството за култура нема надлежност да финансира вработувања на здруженија. Вака надлежното министерство им одговори на членовите на ДЛУМ кои 75 години се без галериски простор, објави Телма.

„Знаеме дека Министерството за култура не е Агенција за вработување, сепак припаѓаме на културната сцена. Може со буџетските средства кои ги има како институција да помогне“, вели Јана Манева-Чупоска, претседателка на ДЛУМ.

Не очекуваме министерството да вработува, секако дека не може ниту законски. Меѓутоа тие можат да финансираат вработување. Значи може да дадат буџетски средства, согласно законската постапка која значи одобрување од Министерство за економија и цел тој пристап. Еве на пример, Здружението на ликовни педагози, бидејќи педагози има вработено од Министерство за образование. Ако е таква логиката дали Министерството за образование врши вработувања.

Меѓу барањата на ДЛУМ беа и достоинствени услови за уметниците и поништување на финансискиот долг кон ГТЦ.