Министерот за правда на Бугарија со оценка: Имаме ограничен мандат, но големи амбиции


Техничката Влада во Бугарија која е со многу ограничен мандат паралелно е и со голема амбиција добро да ги организира парламентарните избори во јули и да ги пронајде коруптивните практики со купено контролирано гласање за време на изборите.

Министерот за правда на Република Бугарија Јанаки Стоилов во интервју за МИА вели дека привремената Влада има цел и да ги разоткрие оние модели со кои се спроведува корупцијата, од кои, според него, дел се законски, но се крајно нецелисходни.

Според Стоилов, со направените измени во законодавството се намалуваат можностите преку Агенцијата за Бугари во странство и разни организации да се фаворизираат одредени групи, да се влијае во корист на некои партии или пак да се издадат лажни сертификати за бугарско потекло.

Господине Стоилов благодарам што прифативте интервју за МИА. За почеток би Ве прашал каква е довербата во правосудниот систем во Бугарија? Вие сте европска држава, но остана ли балканскиот манири на корумпирани судии и јавни обвинители?

Да ви обрнам внимание дека корупцијата не е само проблем во балканските држави, туку тоа е и глобален проблем. Веројатно сте забележале дека во последните години се актуелни прашањата за олигархизација на политиката, односно зголемување на богатството и негова концентрација во тесен круг на луѓе, кои што ја поврзуваат политичката и економска активност и со тоа го доведуваат во прашање демократското функционирање на институциите.

Ако има нешто специфично за Источна Европа, тоа е трансформацијата на државната сосптвеност како резултат на приватизацијата и другите методи, односно за неколку години од силно доминантна државна сопственост се премина на раздржавување. Тоа во многу случаи покажува дека додадената вредност и претприемништво не го формираа богатство, туку пристапот до можноста да се добие овој државен имот.

Се разбира, за нас една од тековните задачи е спротивставувањето на корупцијата. Сегашната Влада, иако е техничка, со многу ограничен мандат, има амбиција не само добро да ги организира парламентарните избори, вклучително и да ги пронајде коруптивните практики со купено контролирано гласање за време на изборите, туку и да ги разоткрие оние модели со кои се спроведува корупцијата, од кои дел, за жал, се законски, но се крајно нецелисходни и не се во интерес на мнозинството луѓе, и драстично да ги намали ваквите практики. Тоа е еден од приоритетите во мојата работа, заедно со подобрување на услугите за граѓаните и одржување на интеракцијата со судството.

Неодамна САД воведоа санкции кон, мислам, тројца олигарси во Бугарија. Можете ли да ми кажете како постапија Министерството за правда и бугарската Влада во однос на барањето на директорот на Канцеларијата за контрола на странски средства на САД, кој што вели дека треба да се искорени таа корупција и бара одговорност за корумпираните владини службеници?

Тоа пред се е задача што треба да ја решаваат бугарските власти. Но, во глобалниот свет во кој што се наоѓаме, нема начин како ова прашање да не ги интересира и сите оние кои што се поврзани со Бугарија, како локални и странски компании и разни земји во и надвор од Европската унија. Владата донесе една одлука да се стави крај на учеството на луѓе и одредени компании кои се вклучени во вакви процеси. Тоа е фактичката состојба и тоа е реален проблем на кој е посветено нашето внимание.

Но, ова прашање има правна страна и е многу покомплексно. Како да се усогласат ваквите постапки со бугарскиот правен поредок, бидејќи некои од нив би можеле да бидат оспорени пред судската власт, а ние во моментов немаме можност да ги менуваме законите. Треба да ги искористиме оние средства што постојат во законите против перењето пари, против злоупотребите, за да се обидеме да ги искомбинираме овие фактички со законските решенија.

Европската главна обвинителка Лаура Ковеши, пред неколку дена оствари посета на Софија и Вие, чинам, имавте средба. Која беше целта на нејзината посета?

Успеав накусо да разговарам со европскиот јавен обвинител за време на Советот на министри на ЕУ. Имено, таму, прв пат беше претставен почетокот на активноста на Канцеларијата на европското обвинителство и ја искористивме можноста при нејзината посета, таа да разговара во Министерството со мене и со мојот тим. Ние се осврнавме на прашањата за добра интеракција со сите оние институции што се релевантни за активностите на Европското обвинителство. Исто така, би сакал да го споделам нејзиното очекување, бугарската држава, пред се Обвинителскиот колегиум на Врховниот судски совет, брзо да ги номинира останатите кандидати за Европското обвинителство од страна на Бугарија, со цела неговата активност да биде добро организирана и спроведена. Исто така, ја коментиравме и темата за специјалното правосудство со цел тоа да има реални резултати во борбата против корупцијата, како и за сите институции во нивната сфера на надлежност.

Уште колку кандидати треба да се исpатат?

Уште шест.

Наредивте ревизија во Агенцијата за регистрација и Дирекцијата за бугарско државјанство. Што покажа контролата во овие институции? Има ли некаква злоупотреба?

Не е тајна дека постојат три проблематични области што се во делокругот на Министерството за правда. Една од тие сфери е проблематиката со бугарското државјанство, потоа се активностите на регистрација на трговските друштва и местата за лишување од слобода. Уште од стапувањето на должноста наредив такви инспекции да бидат спроведени од Инспекторатот во Министерството за правда и од нашата внатрешна ревизија, така што тие не беа насочени само кон Агенцијата за бугарско државјанство.

Тоа што го констатиравме беше значително забавување на процесот. Утврдивме дека целиот процес е искулчително долг, затоа што, знаете, при проценката на кандидатите се вклучени различни институции кои не се само во делокругот на министерот за правда. Но, за тој краток период се обидовме да го забрзаме процесот, без да ги спуштиме критериумите за проценка во суштина и тоа забрзување да биде и на влезот и на излезот од системот.

Само да ви дадам пример, од моментот на издавањето на Указ од страна на потпретседателот за добивање бугарско државјанство, до издавањето на Уверението, односно можноста луѓето реално да го користат тоа признато право, минуваат 8-9-10 месеци. Во таа активност, утврдивме дека посредуваат некои лица кои се вработени во Министерството и можеби се обидуваат да стават некого во поповолна позиција. Затоа ги променив внатрешните правила, беа ангажирани повеќе вработени и се надевам дека и пред истекот на нашиот мандат, во голема мерка ќе го намалиме времетраењето, така што од неколку месеци овој период да биде неколку недели.

Во однос на поднесувањето на апликациите, бидејќи тоа се прави по електронски пат, веќе се пополнети термините за една година однапред, до јуни 2022 година. Затоа подготвивме промени во наредбата, за која во моментов тече неопходната јавна расправа, и очекуваме да се забрза тој процес. Аплицирањата да се прват не само по електронски пат и бугарските граѓани и граѓаните на Европската Унија, како и лицата со постојан престој во Бугарија, да можат да аплицираат и лично, што според мене значително ќе ја забрза и целокупната постапка.

Ќе се прави ли ревизија на некои издадени државјанства?

Тоа не е наша задача. Има определени правила за оспорување на веќе издадените решенија, но можеби знаете дека веќе беа направени измени во законодавството за време на Парламентот, со што се намалуваат можностите преку Агенцијата за Бугари во странство и разни организации да се фаворизираат одредени групи, да се влијае на тој начин во корист на некои партии или пак да се издадат лажни сертификати за бугарско потекло. Ние сакаме да опфатиме повеќе наши сонародници, но не со заобиколување на законот, туку со неговата стрикна примена.

За крај би Ве прашал, кои обврски кон државата ги имаат лицата кои ќе добијат бугарско државјанство?

Тие треба да имаат бугарско потекло и како во повеќето земји, тоа потекло може да се следи, да речеме, до три генерации во минатото. Тоа треба да биде по дирекна линија. Доколку се применат такви критериуми, мислам дека пропустите ќе бидат драстично намалени.