Министерот Шабан Салиу не чувствува никаква вина за Кочани
„Лично, со душа и со срце и максимално одговорно тврдам дека апсолутно немам вина“, изјави денеска актуелниот министер без ресор, Шабан Салиу, кој како поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување е опфатен во истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 62 лица, а речиси 200 беа повредени.
Тој рече дека верува во државата, „верувам во институциите на системот, верувам во правосудните органи дека правилно ќе ги согледаат аргументите и сите останати, да кажам, посебни моменти од тој случај“. Салиу максимално ја почитува истрагата, но и оти се води од општото начело на презумција на невиност
Салиу, заедно со уште неколку лица кои изминатите нешто повеќе од десет години ја вршеа функцијата директор на Дирекцијата за заштита и спасување се најдоа осомничени во истрагата, додека Обвинителството се обидува да докаже причинско-последична врска во непостапувањето на оваа институција што придонеле да се создадат услови кои довеле до трагедијата.
Поради потребите на истрагата, министерот без ресор и претседател на партијата Демократска сила на Ромите извесен период помина и во ефективен затворски притвор. Оттаму беше пуштен кон крајот на мај, кога притворот му беше заменет со мерки на претпазливост.
Салиу денеска одржа прес-конференција пред Владата, на која главна тема беше ставот на партијата околу актуелните прашања поврзани со изборниот модел, прашањето што се отвори со условите за учество на независните кандидати и на малите партии на изборите.
Меѓу уапсените беше и актуелниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување, Џеват Селами, кадар на „Вреди“.
Салиу и Селами, како и сега веќе екс-градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, беа едни од ретките, ако не и единствените актуелни функционери уапсени и притворени за трагедијата што ја потресе целата земја.
На 30 мај беше соопштено дека Основното јавно обвинителство Кочани ја завршило истражната постапка во врска со пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ и оти со неа се опфатени вкупно 46 лица кои се осомничени за тешки дела против општата сигурност од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик.
Во тек се законските рокови во кои одбраната може да изврши увид во доказите и да предложи свои докази.