Министерката за правда тврди: Никој не го штити Јово Вангеловски
Судскиот совет на денешната седница ќе расправа за извештаите на комисиите за утврдување одговорност на судија и ќе носи одлуки по поднесените барања за утврдување одговорност. Сепак, пред почетокот на расправата немаше информација дали на седницата конечно ќе се најде претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, за кого се води постапка и се утврдува одговорност со години. По острите критики на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој порача дека треба да почнат да се апсат судии и обвинители, исто како што се апсат функционери, порака до правосудните институции испрати и министерката за правда Рената Дескоска, која порача дека Министерството за правда си ја сработило својата обврска, а ефектите од нив сега треба да ги испорачаат судиите и обвинителите.
„Сите закони што ги носиме изминатиов период создаваат многу прецизни и јасни основи за воспоставување одговорност за сите што ќе бидат прекршители на законот, така што секако одговорност на Министерството за правда е да предложи квалитетна законска рамка, а одговорност на јавното обвинителство и на судството е да ја спроведат. Јас очекувам дека сите ќе бидат свесни за својата одговорност и ќе овозможат ефектуирање на законските одредби што се носат. Имаме јасни одредби и за разрешување судии и очекувам дека судскиот совет ќе постапува по новиот Закон за судски совет и Законот за судови“, вели Дескоска.
Иако постапката за утврдување одговорност на претседателот на највисокиот суд се влече и никако да стигне на дневен ред, министерката тврди дека никој не го штити Јово Вангеловски.
„Ако мислите на извршната власт, не мислам дека има некој таков што би го штител (претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски). Во Судскиот совет се води постапка за негово разрешување. Очекувам дека, и затоа е мојот апел, и судскиот совет да биде свесен за својата улога. Реформата можеме да ја направиме со предлагање на европски закони кои се пофалени од сите, но имплементацијата е на органите за кои ги носиме тие закони. Судскиот совет нема причина да бега од спроведување на законот, а сега веќе нема ни право, со сè што им е потпишано како јасни и прецизни основи и со воведување на принципот на одговорност и на самиот Судски совет“, вели Дескоска.
Претходниот претседател Зоран Караџовски точката за утврдување одговорност на Вангеловски и другите четворица судии, кои донесоа одлука да го ослободат од притвор бизнисменот Сеад Кочан, во текот на целиот мандат не ја ставаше на дневен ред.
Новиот претседател Киро Здравев кога беше избран вети дека ќе ја преиспита одговорноста на неговиот поранешен претседател и на сите судии за кои има покренато постапки пред судскиот совет.
Две години нема истрага за скандалот со АКМИС-системот
Вангеловски, заедно со поранешниот претседател на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, беа повикани како сведоци за рачната распределба на предмети во Кривичниот и Врховниот суд. Скандалот со делењето предмети на рака се отвори речиси во ист период кога се отворија и постапките за утврдување на одговорноста на судии. Веќе две години скандалот со АКМИС-системот е во предистрага, повикани беа на распит Вангеловски и Панчевски, но и двајцата уште немаат статус на осомничени бидејќи обвинителството уште не отворило истрага. Пред објавувањето на извештајот за напредокот на земјава, на барање на Европската комисија, обвинителството до Министерството за правда испратило што сè има направено во постапката за АКМИС-системот.
„Немојте да очекувате чуда преку ноќ, ниту една истражна и судска постапка не завршила брзо. Сепак, тоа е во едни толерантни временски рамки согласно на процедурите што се пропишани и што постојат, но очекувам дека ќе има нови моменти“, вели Дескоска.
Извештајот беше декласифициран и покажа дека 860 предмети не биле внесени во АКМИС-системот и за нив не бил доделен судија.
Конкретни предмети од еден судија се давале да ги работи друг судија, а честите промени во годишниот распоред значеле и ограничување кој судија ќе биде вклучен во автоматската распределба. Судии биле вадени од АКМИС по разни основи, само со параф на претседателот на судот.
Сега, годишниот надзор над функционалноста на АКМИС-системот покажал дека веќе не се делат предмети на рака. Воведен е задолжителен редовен надзор над функционалноста на АКМИС-системот од страна на комисија во која учествуваат судии, информатичари, администрација и надворешни експерти. Во тек е, исто така, и изготвување нов закон за управување со движењето на предметите во судовите со кои се зајакнуваат механизмите за автоматска распределба на предметите. Според Дескоска, во новиот закон е потребно превенирање и заштита од можноста за повлекување и поднесување постапки од ист адвокат со цел таргетирање на конкретен судија што ќе биде распределен преку АКМИС-системот.
Дајана Палетин, политички офицер при амбасадата на САД, вели дека и Европската комисија во последниот извештај наведува дека Министерството за правда мора да обезбеди целосна и независна функционалност на АКМИС-системот. Според неа, носењето и менувањето закони често е полесниот дел од работата и останува предизвикот за нивно спроведување.
Фросина Факова – Серафиновиќ