Министерката за одбрана ги повика синдикатите да не се политизираат до изборите

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, смета дека треба да се преиспита одлуката на Кривичниот суд да не определи мерка притвор за напаѓачите кои влетаа во М-НАВ и предизвикаа инцидент минатата недела.
– Јас уште минатата недела имав реакција, односно изјава за медиумите во врска со случувањата во М-НАВ. Консултација премиерот направи со мене и со ресорниот министер за транспорт и врски и изјавата беше дека компромис со безбедноста на македонското небо не смее да има. Впрочем и вчерашната седница на Владата го покажа она што го најавивме, односно даден е предлог од страна на претседателот на Владата за разрешување и денеска беа поставени нови директори.
Ќе бидам многу поконкретна за случувањата во М-НАВ. Изминатите денови имаше различни толкувања за тоа што се случува, дали станува збор за ндоразбирање помеѓу двајца колеги или за нешто повеќе. Јас нема да навлегувам во тоа што навистина се случило, затоа што не сум била присутна на лице место во тој момент, но она што можам да го кажам како министерка за одбрана е дека во институциите кои се дел од критичната инфраструктура на државата потребна е сконцентрираност и посветеност на она што значи нивна задача и нивна надлежност. Вакво нешто, па дури и да станува збор за недоразбирање меѓу двајца колеги, е недозволиво.
Од тие причини, таквите појави и однесувања и на вработените и реакциите од синдикатите покажаа дека со таа институција недоволно добро се менаџирало и се раководело. И од тие причини беше поднесен и предлогот за разрешување на директорите. Како што реков, компромис може да бараме за многу работи, но компромис со безбедноста на македонте граѓани и безбедноста на граѓаните ширум светот нема! И оттука сме должни сите ние, и јас како министерка и сите останати кои сме носители на вакви функции да гарантираме дека во институциите ќе владее пеофесионализам, вели министерката.
Според Петровска ќе треба да се преиспита одлуката на судот да не определи мерка притвор за напаѓачите.
– Во однос на коментарите на судот и одлуките кои ги донесоа, лично јас не се сложувам и мислам дека ќе треба да си ја преиспитаат одлуката. Не сакам апсолутно од позиција на министер да влијаам на одлуките на судот, но мислам дека целата оваа ситуација треба малку посериозно да ја сфатат. МВР ја заврши до тука својата работа, меѓутоа треба да се имаат предвид севкупното законодавство кај нас и меѓународно преземените обврски, вели Петровска.
Министерката истакна дека НАТО е заинтересирано за овие случувања и дека не смее да се прави компромис со безбедноста и на македонските граѓани, но и на останатите луѓе.
– Кога зборуваме за НАТО не треба да заборавиме дека и ние сме НАТО, комуникацијата секојдневно е на различни нивоа. Дека имало прашања во рамките на тоа што се случува, апсолутно да, но официјална писмена реакција барем до МО досега немало. Меѓутоа, секоја загриженост е легитимна. Во тој момент на тој ден на Аеродромот во Скопје слетаа два авиони на НАТО членки со определена намена, од тој аспект јасен е интересот на НАТО. Многу е важно, што и да се случи, да постои реакција и соодветно постапување. Владата го заврши својот дел од задачата, ги разреши директорите, сега ги повикуваме останатите институции да ги завршат професионално своите задачи во интерес на јавноста.
Во овој период што ни следи, претстојат два изборни циклуци, да се трудиме додека сме на позициите да се залагаме за решавање на проблемите без притоа да ги политизираме прашањата. Секое прашање, вклучително и ова, заслужува да биде дискутирано и третирано, да има реакции, но апелирам политичките партии да не влијаат и да не ги злоупотребуваат синдикатите ниту сега, ниту во иднина, а апсолутно дијалогот меѓу работодавачите и работниците мора да постои, вели министерката.
На прашањето дали смета дека постои политички мотив во делувањето на Синдикатот, Петровска одговори:
– Јас само испратив апел до сите синдикати, не само до овој, да бидат професионални, да се борат за правата на работниците, но ова е апел политиката да се држи на страна од овие случувања.