Министерката Сања Божиновска и „бугарската самосвест“. Таа вели „јас сум Македонка“

Проблемот на Сања Божиновска со бугарскиот пасош нема да ја дефинира нејзината работа. Проблемот е во дијаболичното однесување на владата околу прашањето за односите со Бугарија


Сања Божиновска вели дека извадила бугарски пасош од „економски причини“

 

И „бугарска самосвест“ и Македонка. Во таква комплицирана ситуација за себе (а и за патриотската влада) се наоѓа министерката за енергетика Сања Божиновска.

Откако беше откриено дека има и бугарски пасош Божиновска има вообичаено објаснување зошто се изјаснила дека има „бугарска самосвест“ во апликацијата до бугарските власти за да добие тамошно државјанство – тоа било од економски причини. Божиновска во поткастот на новинарот Мишко Иванов, „Бизнис муабети“ го кажа она што се знаеше – дека почнала процедура за отпис од бугарското државјанство – и дека апликацијата за бугарско државјанство била од економски причини: „Во еден период од животот, за економски причини како и многу Македонци сум имала бугарски пасош“.

„Економските причини“ не се обични туку директорски. Медиумот „360 степени“ во јуни годинава објави дека Божиновска поседува бугарско државјанство и дека со бугарски пасош ја раководела компанијата „Руднап“ во Хрватска. А сите во Македонија знаат дека за да се добие бугарско државјанство, барателот мора да каже за себеси дека се чувствува како Бугарин и да ги наведе своите бугарски корени.

Прашањето што се поставува во јавноста не е дали Сања Божиновска се чувствува како Бугарка или има бугарски пасош, туку дека еден висок министер во новата влада се декларирал со бугарска самосвест во исто време кога таа иста влада работи на секој чекор за да ги влоши односите со Софија, а дома вели дека нема никакви шанси да бидат усвоени уставните измени и Бугарите да се внесат во уставот. Меѓу кои е и министерката Сања Божиновска. Барем според добиениот пасош и изјаснувањето што го направила да стигне до него.

Пред неколку дена на прес-конференција за нејзината работа во стоте дена на владата Божиновска не знаеше да одговори дали сѐ уште има „бугарска самосвест“. За таква работа ќе побарала правна помош: „За тоа прашање ќе морам да се консултирам со адвокатите. Тие ја водеа таа процедура и тоа беше многу одамна“.

За време на викендот Божиновска ги отфрли овие прашања за нејзиниот бугарски пасош и „бугарската самосвест“. Во објава на Фејсбук напиша:

„Јас сум родена во Скопје, Македонка сум и секогаш ќе бидам Македонка. Тоа никој ниту може, ниту смее да го оспори. Сите други зајадливи коментари, чудни прашања и погрешно толкувани одговори ќе ги разберам и прифатам како цена на моето скромно и мало политичко искуство.

Не се вратив дома за да се мешам во политички игри, се вратив да го вложам моето знаење и искуство во енергетиката како специфична и тешка проблематика. Секогаш мислев дека личните напади и конструкции не се добри во било кои меѓучовечки односи.

Повторувањето на овие напади одговара на луѓе на кои им пречи активното занимавање на Владата со проблемите во областа која јас ја раководам. Им одговара заборав на сѐ што направиле и слепило од државата за сѐ што сакаат да направат“.

Понатаму во објавата таа додава дека за неа било најзначајно да се изгради и да се имплементира долгорочна енергетска стратегија, да се прекине корупцијата во енергетскиот систем, да се откријат, како што вели, сите што се збогатија поради скапите сметки од граѓаните, да се расчисти со долгот на државата кон снабдувачите од 60 милиони евра, да се прекинат „преплатените“ тендери за надворешни компании, да се обезбеди енергетска ефикасност, силно и одржливо домашно производство на енергија.

Божиновска тврди дека поседува само македонско и чешко државјанство. Таа не споменува дека има и бугарски пасош, мислејќи веројатно дека со нејзината апликација за откажување од бугарското државјанство работата е завршена. Бугарскиот медиум „Бгднес“, повикувајќи се на извори во тамошното министерство за правосудство, пишува дека Сања Божиновска и натаму е бугарски државјанин, дека за неа не е издаден указ за отпишување од државјанството. Oд министерството за правда во Софија велат дека постапката за откажување од бугарско државјанство не завршува со поднесување барање. Бугарскиот пасош на Божиновска за Софија е прашање и на политички капитал, постојано да се има за да може да се користи.

Проблемот со бугарскиот пасош и „бугарската самосвест“ кога се поднела апликацијата за него не се клучните работи што ќе ја дефинираат работата на министерката Божиновска во владата, ниту што го дефинираат нејзиното успешно деловно портфолио. Па и завидното богатство од станови во Португалија, Шпанија, Србија. Иако дел од тој имот таа го стекнала работејќи на раководни позиции кои ѝ биле овозможени делумно и поради тоа што имала бугарски пасош.

Проблемот е во дијаболичното однесување на владата околу прашањето за односите со Бугарија. Сања Божиновска јавно призна дека има(ла) бугарски пасош, бидејќи не можеше да ги сокрие фактите. Може да се нагаѓа дали и некои од другите врвни функционери имаат бугарско државјанство. Случајот на Божиновска само го разоткри на јавната сцена двојството на стотици илјади македонски граѓани – кои ем ќе бидат полни со предрасуди кон Бугарите (а некои дури и со омраза), а од друга страна веќе добиле пасоши поради нивните лични изјави за „бугарска самосвест“. Сето тоа објаснето со економски причини. (Н.В.)