Министерката Ангеловска најавува системско решение за црвената нафта


Изедначувањето на цената на екстралесната нафта со цената на дизел горивото деновиве е жешка тема во јавноста

Министерката за финансии Нина Ангеловска најавува трајно и системско решение за проблемот со екстралесното гориво, познато и како црвена нафта наменета за греење на домаќинствата, но која често завршува како погонско гориво.

Откако вчера не се појави на прес-конференцијата во Владата на која беше објавена одлуката за зголемување на акцизата на нафтените деривати за три денари за литар, Ангеловска денес во интервју за МИА изјави дека за разлика од другите горива, за екстралесното гориво акцизата не е врзана со цените на нафтата на светскиот пазар.

„Решението со три денари еднакво зголемување е предложено за сите деривати, со единствена разлика дека кај екстралесното гориво не е условено од цената, односно останува покачувањето без разлика на движењето, што е всушност и еден чекор кон адресирање на прашањето за екстралесното гориво“, вели Ангеловска.

За екстра лесното гориво пристапот не е анти-кризна мерка туку системско и долгорочно решение: Нина Ангеловска

Таа додава дека Министерството за финансии во соработка со Министерството за економија и со Царинската управа работат на предлог решение кое, како што вели „ќе биде издржано и системско.

„Секако решението на ова прашање е во интерес на животната средина и помало загадување“, истакна Ангеловска.

Според неа станува збор за две различни прашања и така и треба да се третираат и да им се пристапат. Кај зголемената акциза има механизам кој овозможува доколку малопродажната цена на нафтата се зголеми за 10 денари, акцизата ќе се намали за еден денар, доколку пак цената се зголеми за 20 денари, акцизата ќе се намали за три денари или ќе се врати цената пред воведување на оваа антикризна мерка.

„За екстра лесното гориво пристапот не е анти-кризна мерка туку системско и долгорочно решение кое вклучува бројни анализи и координација и согласување на сите аспекти со цел да се повлечат правилните одлуки кои ќе го решат ова прашање на долг рок“, вели министерката Ангеловска во интервјуто.

Изедначувањето на цената на екстралесната нафта ЕЛ-1 со цената на дизел горивото деновиве е жешка тема во јавноста. Според објавените информации, годишните потреби за овој енергенс изнесуваат 5 милиони литри, а се увезуваат над десет пати повеќе, односно 55 милиони литри.

Повикувајќи се на сопствени анализи, Телма денес објави дека лани, во периотот кога законски е забранета продажба на ова гориво, односно од 15 април до 15 октомври биле продадени 20 милиони литри или 40 отсто од целата годишна продажба на ова гориво, со што Буџетот изгубил 240 милиони денари.

Илустрација: Стопанска комора на Македонија

Предлогот за изедначување на цените го иницираше Стопанската комора на Македонија, а го поддржаа и Регулаторната комисија за енергетика, како и нафтената компанија „Макпетрол“, но и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Разликата меѓу реалните потреби за загревање на домаќинствата и она што се троши во текот на годината го чинат државниот буџет околу 30 милиони евра, отприлика колку што се ефектите од зголемената акциза на дериватите во износ од три денари до крајот на оваа година. Според објавените пресметки, поради пониската акциза државата губи по 11 денари од еден литар екстралесно гориво. Покрај финансиските штети, не се помали ниту еколошките, имајќи предвид дека ЕЛ- 1 содржи околу 100 пати повеќе сулфур од дизелот за автомобилите и е голем загадувач. (М.Ј.)