Минималната плата поголема за 12 проценти, сега изнесува 20.175 денари

Минималната плата се усогласува со порастот на инфлацијата и на просечната плата во земјава, што како решение беше договорено минатата година меѓу Владата, синдикатите и работодавците


Почнувајќи од април кога ќе бидат исплатени мартовските плати, најниските примања во државата ќе изнесуваат 20.175 денари. Тоа е зголемување за 12 отсто или за 2.175 денари во однос на минималната плата која до сега изнесуваше 18.000 денари. Ова денес беше соопштено по состанокот на Економско социјалниот совет, на кој беше ефектуирано законското решение според кое минималната плата се усогласува со порастот на инфлацијата и на просечната плата во земјава што како решение беше договорено минатата година меѓу Владата, синдикатите и работодавците.

„Почнувајќи од април минималната плата во државата ќе биде повисока за 2.175 денари и од 18.000 денари ќе се зголеми на 20.175 денари. Ова значи над 12 проценти зголемување на основната минимална плата. Секој работник следниот месец ќе ја зема оваа плата како минимална“, истакна премиерот Димитар Ковачевски.

Тој додаде дека согласно Законот за административни службеници кој што е усогласен со Законот за минимална плата, линеарно ќе се усогласат и платите на 27 илјади работници како и во другите сектори во кои што законите се усогласени со Законот за минимална плата.

„Со системски решенија се гради вистинско партнерство помеѓу синдикатите, работодавците и Владата и тоа е начинот за зголемување и на платите и на стандардот на граѓаните“, рече Ковачевски.

Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска рече дека на седницата на Социјално економскиот совет е донесена одлуката за минималната плата за 2023 година согласно новата методологија која што беше донесена во февруари 2022 година и која што овозможува постојан раст на платите. Оваа година нето минималната плата изнесува 20.175 денари, а бруто минималната плата од март 2023 година изнесува 29.739 денари, посочи таа.

Тренчевска објасни и како е дојдено до овој износ.

„Усогласувањето е 50 проценти од порастот на инфлацијата, односно на трошоците на живот и тоа изнесува 7,1 процент. Односно, трошоците на живот за 2022 година беа 14,2 отсто, утврдени од Државниот завод за статистика, што значи дека 50 отсто од овој процент е 7,1 отсто, како и порастот на нето платата во 2022 година кој што беше 10,9 проценти, односно 50 отсто од ова е 5,45 проценти“, рече Тренчевска, додавајќи дека минималната плата во 2023 година пораснува за 12,55 проценти, како и дека со исплатата на мартовската плата во државата нема да има пониска основна плата од 20.175 денари.

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи рече дека се радува бидејќи дојде денот кога дефинирањето на минималната плата веќе не е предмет на преговори, кавги, уцени и купување на политички поени.

„Лани се договоривме за системско решение и за нова методологија за постојан раст на минималната плата. Тоа е резултат на грижата на Владата за сите категории граѓани, да обезбедиме континуирано одржлив животен стандард и поддршка на куповната моќ на нашите граѓани“, рече Битиќи додавајќи дека за шест години минималната плата се удвои.

Претставникот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Златко Цветковски истакна дека минатата година преку повеќе синдикални активности, почнувајќи од протести и штрајкови, успеале заедно со социјалните партнери да изнајдат решение со кое што ќе се утврди системско решение и методологија за утврдување на минималната плата. Според него ова решение можеби е најдобро во регионот.

„Не зборувам за апсолутна сума на пари, туку за решение кое што нуди зголемување на минималната плата“, рече тој, додавајќи дека од минатата година до сега, минималната плата се зголеми за 4.920 денари.

„Како синдикат сме горди, иако сме свесни дека не е доволно во времето во кое што живееме. Инфлацијата и растот на животните трошоци ни ја намалува куповната моќ, но сепак сметаме дека е добар почеток и дека е добар пат како да најдеме и да продолжиме на овој пат“, посочи Цветковски, повикувајќи ги работодавците, како во приватниот така и во јавниот сектор, односно владата, да најдат сили и начин да ги усогласат платите и на останатите вработени за да не дојде до уравниловка каде што нема да има силно мотивирани работници, туку ќе има работници кои ќе се споредуваат едни со други за тоа колку плата земаат.

„Организацијата на работодавци од секогаш поддржува системски и законски решенија и секогаш се стреми да ги мотивира и да ги награди добрите работници. Ова решение го донесовме едногласно во Економско социјалниот совет. Останува да кажеме дека секогаш ги поддржуваме добрите работници, продуктивните работници и се стремиме нашите вработени да имаат добра куповна моќ“, посочи претседателката на Организацијата на работодавачи Владанка Трајковска.

Таа додаде дека законското решение е веќе стокмено и нема потреба да се разговара за негови измени.

„Но, мора да се разговара во една друга насока, а тоа е да имаме попродуктивни работници, да имаме млади луѓе кои ќе бидат задоволни со живеењето во оваа држава и да имаме млади луѓе кои ќе сакаат да работат во приватниот сектор и да го поддржат начинот на функционирање на приватниот сектор и да го дадат својот максимум во работењето“, рече Трајковска.

Во одговор на новинарски прашања, од Владата посочија дека мерката за поддршка на работодавците за зголемување  на минималната плата минатата година не се користела целосно и како што минувале месеците сѐ помалку се користела и била една од мерките што е најмалку користена.

„Ако бизнис заедницата тоа го бара, остануваме отворени за поддршка за зголемувањето на минималната плата, соодветно да направиме одредена мерка. Но, до сега нема такви барање“, рече вицепремиерот Битиќи.

Министерката Тренчевска додаде дека се подготвува оперативен план за активни мерки за вработување кој треба да биде донесен до крајот на месецот и овој оперативен план предвидува многу мерки за поддршка на приватниот сектор, како во делот на раст на платите така и за нови вработувања.

Од ОРМ посочија дека бизнисот секако ќе ги почитува законските одредби за минималната плата.

„Мора да ги мотивираме луѓето да работат, меѓутоа минималната плата не треба да биде мотив, таа треба да биде плата за најниското ниво на вработени. Нашите вработени мора да имаат многу повисоки плати, но истите да ги заслужат и да ги сработат, а ние соодветно да ги наградиме“, рекоа од Организацијата на работодавци.