Реакции за обраќањето на Пендаровски: Ова му е последно, тврди Милошоски

ДУИ го пофали Пендаровски и рече дека треба да се направи сѐ за да се задржи Македонија на европските шини


Антонио Милошоски

 

Пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ оцени дека денешното обраќање на претседателот Стево Пендаровски во Собранието било празно и полно со флоскули наменети претежно за СДСМ каде, како што рече, ќе одлучуваат дали тој ќе биде или нема да биде повторно кандидат за претседател следната година. Милошоски рече дека Пендаровски ја релативизирал позицијата во која била донесена државата.

Се работи за претседател кој како политичар велеше дека тој што ќе го смени името ќе му ја вадиме душата, па потоа гласаше да се смени името и Уставот ветувајќи дека ќе се отворат европските врати, за денеска повторно да ја релативизира позицијата во која не донесе Владата, а тоа е ќорсокак на преземени обврски кои не можат да ги испорачаат, изјави тој.

Милошоски смета дека денешното обраќање на претседателот Пендаровски во Собрание ќе биде последно.

„Се согласуваме со еден факт, а тоа е дека ова е неговото последно обраќање. Дали доколку не биде избран за претседател ќе ја напушти Македонија како што изјави во 2019 година оставаме тоа да биде негова одлука“, рече Милошоски.

Во однос на критиките од власта упатени кон ВМРО-ДПМНЕ за процесот за пристап кон ЕУ рече дека тоа е знак оти власта се подготвува за опозиција.

„Кога власта ја обвинува опозицијата за неуспесите за кои власта има капацитет да ги постигне или да не ги постигне, тоа е најдобар знак дека сеподготвува за опозиција. Со моменталната власт не можеше да се очекува подобра преговарачка рамка или меѓународни успеси“, истакна Милошоски.

Координаторот на пратеничката група на ДУИ, Арбр Адеми, рече дека сите теми со кои сме се соочиле во последниве четири-пет години биле застапени во обраќањето на претседателот Стево Пендаровски.

 „Тоа што треба да се истакне и во оваа прилика се две прашања – одржување на добри меѓуетнички односи и одржување на европскиот курс на државата се тие теми за кои се залага ДУИ од своето формирање па до денес. Треба да направиме сѐ за да ја задржиме Република Северна Македонија на европските шини и не само Северна Македонија туку и целиот регион, така што и излагањето на претседателот во насока на уставните измени оди во тој прилог“, рече Адеми.

Според него, не само од наредниот состав, туку и во овој состав треба да се направат титански обиди за да успее усвојувањето на уставните амандмани имајќи предвид дека друга алтернатива немаме освен зачленување на нашата држава во ЕУ, имајќи предвид, како што рече, „и тие што се против немаат издржана причина зошто не би гласале за уставните измени“.

„И секако тука се разликуваат тие што имаат државнички пристап, кои мислат за следните генерации и тие вообичаени политичари кои мислат само како да добијат еден глас повеќе на следните избори без да водат сметка за општиот интерес на граѓаните“, рече Адеми.  Додаде дека се согласуваат со претседателот дека членството во НАТО е една од најзначајните наши одлуки, како и дека наша обврска е да ја зачуваме поддршката за ЕУ.

Европскиот сојуз за промени очекувано излезе исто така со негативни реакции.

„Претседателот Пендаровски го слушнавме многупати како зборува за мултиетнички вредности, но кога требаше да докаже дека навистина верува во тие вредности, го докажа спротивното. Тој жестоко реагираше против химната на албанското знаме на албанските собири, дури не се двоумеше да ја нарече шовинистичка таквата акција, но никогаш не го слушнавме да реагира против каква било вистинска шовинистичка акција, како што се неодамнешните протести и отпорот за отворање на албанскиот паралелки во Општина Чашка.

Го слушнавме стотици пати како зборува против корупцијата, но неговиот молк и незаинтересираност за проширување на црната листа на функционери од Северна Македонија, особено неговиот указ за измените на Кривичниот законик, амнестија на криминалот и државната корупција, го натераа повеќе да наликува на неговиот претходник од претседател кој стои во првите редови во борбата против корупцијата.

Тој молчеше и за скандалозниот извештај за напредокот на РМ, како и за критиките на Европската комисија за злоупотреба на знамето на ЕУ, што доволно говори за интеграцијата на земјата во ЕУ. Имаше многу зборови за правдата, но молчи за притисокот врз претседателот на Врховниот суд.

Она што тој им го должи на граѓаните за објаснување е дека плановите за враќање на Груевски му биле склопени во кабинетот и тоа тој го чувал и криел од граѓаните. Дополнително, тој мора да го објасни и својот став против поддршката на Александар Вучиќ на изборите во Србија, што претставува исклучително голем проблем за Албанците во Македонија.

Како заклучок, можеме да кажеме дека претседателот Пендаровски на крајот на мандатот беше претседател со добро спакувани изјави, но останува без резултати и не успеа во пракса. Ова е и причина Европскиот сојуз за промени да излезе со свој кандидат на претседателските избори, додека јасно знаеме зошто ДУИ продолжува да се крие зад кандидатот на СДСМ – јасно им е дека народот треба заедно да ги казни на избори“, стои во реакцијата.