Милошоски не го препозна ВМРО-ДПМНЕ во заканите на Бајден


Поранешниот шеф на дипломатија и пратеник во Собранието од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, за декретот на американскиот претседател Џо Бајден, со кој на „црна листа“ се ставаат противниците на Преспанскиот договор, за „Слободен печат“ изјави дека станува збор за рамка која се дефинира периодично и со која САД ги штити своите национални интереси.

– ВМРО-ДПМНЕ како партија има задача и обврска да ги штити македонските национални и државни интереси. Ставот на ВМРО-ДПМНЕ за Преспанскиот договор е следен: ВМРО-ДПМНЕ не учествуваше во преговарањата, креирањето, неговото носење во Собранието и негова имплементација, истиот е асиметричен и спротивен на македонските национални интереси – изјави Милошоски за „Слободен печат“.

Во исто време, додаде тој, „ВМРО-ДПМНЕ ја поздравува безкомпромисната борба со криминалот и корупцијата содржани во рамката и во тој случај половина Влада на Зоран Заев и СДСМ треба да биде на црната листа“.