Милорад Додик осуден на една година затвор и шест години забрана за вршење функција

Пресудата е неправосилна. Додик на митингот во Бања Лука на приврзениците им кажа - „Радувајте се“. Осуден е за непочитување на одлуките на високиот претставник


Милорад Додик се обраќа по изрекувањето на пресудата (Фото: Ројтерс)

 

Милорад Додик, претседател на Република Српска, денеска беше прогласен за виновен и осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење функција.

Според првичните информации, в.д директорот на „Службен весник на Република Српска“, Младен Лукиќ, е ослободен од обвиненијата.

Горан Бубиќ, адвокатот на Милорад Додик, претходно изјави дека тој нема да присуствува на пресудата што се изрекува во Судот на Босна и Херцеговина . „Не можам да учествувам во понижувањето на правата, барем кога не морам“, изјави Бубиќ за Радио Телевизија РС.

Додик претходно најави дека нема да присуствува на пресудата.

Додику и Лукиќ беа обвинети дека не ги спроведувале одлуките на високиот претставник во БиХ, Кристијан Шмит.

Митинг за поддршка на Милорад Додик во Бања Лука

Судот денеска донесе неправосилна првостепена пресуда која нема да има никакви последици за претседателот на Република Српска додека не се донесе правосилна пресуда. Во пракса тоа значи дека Додик ќе може да ги извршува сите функции и ќе биде на слобода без разлика на првостепената пресуда.

Милорад Додик потоа се обрати до јавноста во Бања Лука на митинг, откако беше изречена пресудата пред Судот на БиХ.

„Радувајте се. Мора да сме весели, ме осудија на една година на нивен затворТие велат дека сум виновен, сега луѓето овде ќе кажат зошто не сум“, рече Додик, според Н1 Сараево.

Додик рече и дека „нема причина за загриженост“.

„Нема причина за грижа, научив да се справувам со потешки работи. Важно ми е што сте тука и ќе ја носам оваа слика во моите очи“, додаде Додик во првата реакција на пресудата и најави подолго обраќање подоцна.

Додик беше ставен на американската црна листа во јануари 2017 година за попречување на Дејтонскиот мировен договор и беше првиот функционер на БиХ санкциониран според регулативата „ЕО 14033“, во јануари 2022 година. Причините наведени во тоа време беа поткопување на институциите на БиХ, работа на создавање паралелни институции во РС, коруптивни активности и етно-националистичка реторика.