Милатовиќ: Целта да станеме членка на ЕУ во 2028 е остварлива

„Доаѓам како пријател кај пријатели, дури и би рекол како брат во братска држава“, рече зрногорскиот претседател на прес-конференцијата


Гордана Сиљановска-Давкова и Јаков Милатовиќ (Фото: Б. Грданоски)

 

Претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, порача денес дека неговата земја силно го поддржува европскиот пат на Македонија во ситуација кога за себе си зацртале амбициозна, но како што нагласи, остварлива цел – самите да станат членки на ЕУ до 2028 година.

„Како земја предводничка во преговорите со ЕУ, Црна Гора силно го поддржува европскиот пат на Северна Македонија. Оваа држава во нас секогаш ќе има голем сојузник и голема поддршка. Црна Гора си постави амбициозна цел, но сметаме дека е остварлива да стане земја членка на ЕУ во 2028 година и да покажеме дека европската перспектива не е само сон, туку и реалност“, порача Милатовиќ на заедничката прес-конференција со неговата домаќинка, претседателката Гордана Сиљановска Давкова.  

Тој претходно високо ги оцени билатералните односи, изјавувајќи дека доаѓа кај нас дури и како брат. 

„Доаѓам како пријател кај пријатели, дури и би рекол како брат во братска држава. Посетата е продолжение на мојот регионален ангажман“, порача Милатовиќ, посочувајќи го тоа како аргумент дека како земја работат на зацврстуваме на регионалната соработка (наспроти некои други трендови во Западен Балкан). 

„Нашите две држави ги поврзува искрено пријателство, взаемна почит и посветеност кон вредностите на ЕУ. Нашите односи се пример за добрососедска соработка во регионот. Го цениме  фактот дека Македонија беше меѓу првите држави што ја признаа независноста на Црна Гора, што ја прославуваме сега како и 20-годишнината дипломатските односи со вашата земја“, порача тој. 

Потоа забележа дека за жал економската соработка меѓу двете земји е под потенцијалот, бидејќи трговската размена изнесува околу  60-ина милиони евра, а спотред него може да биде значително повисока – од барем сто милиони евра. Уверен е дека заедничките иницијативи ќе придонесат за оваа цел, најавувајќи за утре и средба со бизнис заедницата кај нас. Притоа најави дека Подгорица ќе го разгледа и прашањето за воспоставување авионска линија меѓу двете земји.

Сиљановска, пак, изрази жалење што е откажан самитот Брдо-Бриони, без да ги коментира причините за тоа, но порача дека регионалната соработка не е само обврска туку и право, а на Западен Балкан – и императив.

„Нашето разбирање побрзо ќе нѐ одведе до ЕУ и обратно – ако нема подготвеност да зборуваме и да соработуваме, сами си го отежнуваме патот до членството“, рече претседателката. 

Претседателите укажуваа на нужноста од брза реинтеграција на регионот на Западен Балкан во Европската унија, со оглед на високите безбедносни ризици, предизвикани од актуелните војни. (Н.В.)