Микробиологот Пановски контра министерот Клековски: Прогласете епидемија во Гостивар
Министерот за здравство, Сашо Клековски, вчера рече дека во Гостивар засега нема да биде прогласена епидемија, сѐ додека не се утврди причината за големиот број заболени со стомачни тегоби. Познатиот микробиолог, д-р Никола Пановски, бара да се направи токму спроитвното – да се прогласи епидемија во градот. Тој упати сериозни критики до епидемиолошките служби и ги повика неговите колеги на професионална одговорност.
„Во Гостивар има епидемија на гастроентеритис. 1.500 регистрирани со исти симптоми и најмалку уште 5.000 кои не се јавиле на лекар. Во еден град оболеле 30 проценти од населението од иста болест и нема услови за прогласување на епидемија. Епа браво“, напиша Пановски.
Тој ги повика епидемиолозите да реагираат, нагласувајќи дека станува збор за професионална, а не политичка обврска.
„Епидемиолози, каде сте? Ова не е политика, ова е ваша должност да реагирате“, порача Пановски.
Клековски при посетата на болницата во Гостивар рече дека повеќе институции спроведуваат епидемиолошки анкети и лабораториски анализи за да се утврди дали причинителот е поврзан со бактерии, вируси, паразити, тешки метали или друг извор. Се земаат и копрокултури, а резултатите од анализите на водата се очекуваат од понеделник.
Клековски апелираше граѓаните да соработуваат со епидемиолошките служби, посочувајќи дека досега се направени само 18 епидемиолошки анкети и се земени недоволен број копрокултури за да може да се утврди причинителот на заболувањата.
Клековски нагласи дека причината не треба да ја утврдуваат политичари или претставници на јавни претпријатија, туку епидемиолозите. Во однос на тврдењата на директорката на ЈП „Комуналец“, дека храната е можен извор на заразата, тој рече дека, според него, тоа е малку веројатно, бидејќи случаите траат веќе четири дена и зафаќаат голем број луѓе.