Миграцијата на младите го чини Западен Балкан 5,5 милијарди евра годишно. Колку губи Македонија?


Според проценките на ОЕЦД, во просек од Македонија се отселувале по 23.000 луѓе годишно во земјите-членки на ОЕЦД во периодот 2012–2016 година. Миграцијата го достигна својот врв во 2015 година, кога 32.000 луѓе ја напуштија Македонија

 

Според истражувањето спроведено од Вестминстер Фондацијата за демократија и Институтот за развој и иновации, регионот на Западен Балкан губи милијарди евра секоја година поради миграцијата од страна на нејзините млади граѓани, пишува „ЕУобсервер“.

За да се процени економскиот отпечаток, истражувањето ги зема предвид трошоците поврзани со образованието, 2,46 милијарди евра, како и потенцијалната загуба во растот на БДП поради загубата на младите во земјите.

Трошоците поврзани со образованието финансирано од државата варираат за секој поединец и се поврзани со нивото на образование и времето поминато во училиште – од 8 до 20 години.

Земајќи ги предвид овие променливи, истражувањето проценува дека вкупните загуби поврзани со образованието на младите луѓе кои ги напуштаат земјите од Западен Балкан за една година, варираат од минимум 840 милиони евра до 2,46 милијарди евра.
Студијата проценува дека вкупните трошоци за школување на поединец во земјите од Западен Балкан изнесуваат околу 25.000 евра, што претставува трошок поврзан со деветгодишното основно образование, четири години средно и пет години – во просек – високо образование. Така, трошоците за образование на земјите од Западен Балкан стануваат инвестиции за земјите приматели.

„Многу висококвалификувани експерти и претприемачи имаат корист од можностите на глобализираната економија, бидејќи земјите-дестинации се натпреваруваат едни со други за да привлечат висококвалификувани луѓе нудејќи поволни правила за влез и престој во нивните земји“, вели Емил Атанасовски, директор за Западен Балкан во Вестминстер фондацијата за демократија (ВФД). ВФД е основана во 1992 година и добива основно финансирање од канцеларијата за надворешни работи на Обединетото кралство.

Повеќе и од државите од источна Европа, земјите од Западен Балкан имаат долга историја на емиграција, достигнувајќи нивоа што се меѓу највисоките во светот.
„За разлика од некои источноевропски земји, чие население почна да мигрира кога стана дел од Европската унија, населението на земјите од Западен Балкан почна да мигрира во големи бранови кон Запад пред половина век“, истакна Атанасовски.
Меѓу причините зошто регионот на Западен Балкан имаше голема миграција низ децениите, е распадот на Југославија, граѓанските војни и економските тешкотии што следеа, вели Атанасовски.

Заминуваат млади и образувани кадри

Се чини дека Босна и Херцеговина е една од најтешко погодените земји во регионот, при што некои студии велат дека речиси половина од граѓаните родени во оваа земја повеќе не живеат таму.

Друг впечатлив пример е Косово – кое загуби 15,4 проценти од своето население помеѓу 2007 и 2018 година.

„Структурата на сегашното население кое мигрира се менува, и гледаме се повеќе млади луѓе со перспектива кои заминуваат да студираат во странство, а високообразовани и квалификувани луѓе заминуваат откако ќе дипломираат“, додаде Атанасовски.

Студијата открива дека намалувањето на БДП – поради намалувањето на потрошувачката – е уште позначајно.

Пресметано е дека земјите од Западен Балкан поради миграцијата на младите губат 3,08 милијарди евра секоја година во потенцијален раст на БДП. Додавањето на таа бројка заедно со проценката за трошоците за образование изнесува вкупно околу 5,5 милијарди евра годишно.

Слично како и во источна Европа, на Западен Балкан му е потребен ремонт на управувањето и драстично прекинување на практиките од минатото за да се промени трендот.

Како што вели Арманд Госу, професор по политички науки на Универзитетот во Букурешт, за „ЕУобсервер“ ова е прашање што треба да се дискутира во егзистенцијални услови, бидејќи зборуваме за самиот опстанок на овие држави.
„Не постојат земји без луѓе, а самото постоење на една држава се потврдува преку нејзиното население“.

Колку губи Македонија

Инаку, во зависност од нивото на образование и бројот на заминувања, вкупните трошоци за образование на луѓето што ја напуштаат Македонија за една година варираат од 116 милиони евра до 433 милиони евра, покажува извештајот Трошоците за имиграција на младите во земјите од Западен Балкан.

„Поради неможноста да се спречи годишната емиграција, се додава потенцијалната годишна бруто загуба на додадената вредност во износ од околу 333 милиони евра, што е околу 3,1 проценти од БДП во 2018 година. Едноставно кажано, секој работно способен човек што ја напушта Северна Македонија со себе ‘носи’ и приближно 15.850 евра од потенцијален иден БДП“, се вели во извештајот, во делот посветен на нашата земја.

Притоа, се додава дека во Северна Македонија, како и во другите балкански земји, целосна анализа на влијанието на миграцијата е значително попречена од недостатокот на сигурни и детални податоци. На точниот број на лица што заминуваат, должината на нивниот планиран престој во странство, нивниот пол, возраста и образованието, како и клучните мотиви за напуштање се податоци за кои нема цврсти административни извори. Затоа, за да се анализира овој феномен, беше неопходно да се симулираат различни сценарија базирани на различни претпоставки, и индиректно да се извлечат заклучоци и да се проценат резултатите. Притоа, се обидовме да ги квантифицираме економските ефекти преку трошоците за образование и можните трошоци во однос на изгубениот потенцијален БДП, како и позитивните економски ефекти преку приливот на дознаки од странство, се вели во извештајот.

Според проценките на ОЕЦД, во просек од Македонија се отселувале по 23.000 луѓе годишно во земјите-членки на ОЕЦД во периодот 2012–2016 година. Миграцијата го достигна својот врв во 2015 година, кога 32.000 луѓе ја напуштија Македонија, додека тој број беше 30 проценти помал следната година. Важно е да се напомене дека податоците ги опфаќаат сите луѓе што ја напуштиле земјата за една година, вклучувајќи ги и луѓето кои ја напуштија земјата да работат привремено, кои заминаа да се образуваат, или беа испратени во меѓукомпаниски трансфери, што се сите форми на привремена работна миграција.

Бидејќи пристапот на ОЕЦД ја вклучува привремената миграција, бројот на луѓе кои се враќаат не може да се занемарат; во овој петгодишен период се вратиле околу 13.500 луѓе, што значи дека просечниот годишен нето одлив изнесуваше околу 9.400 лица.

Според статистиката на ОЕЦД за 2016 година, речиси две третини од сите Македонци мигранти отишле во Германија, околу осум проценти во Швајцарија, додека Австрија беше на третото место.

Образованието на Македонец кој завршил во 2018 година, опфаќајќи основно училиште (девет години) преку средно училиште (четири години) до крајот на академските студии (што траеше во просек пет години), чинеше околу 29.000 евра. Цената на четиригодишната средно образование (вклучително и основното образование) за завршените во 2018 година изнесуваше околу 14.500 евра, додека деветгодишното основно образование чинеше близу 9.000 евра.

Проценката на трошоците за докторско образование не е лесно да се направи поради недостапноста на податоците во потребните структури. Врз основа на достапните информации, приближно во просек се трошат 48.000 евра за едукација на доктори на науки.

Има и придобивки

Покрај негативните ефекти, не може да се игнорираат придобивките од емиграцијата, дури и иако повеќето демографи и социолози ги сметаат за несакани ефекти, се вели во извештајот. 

Најважната директна придобивка од миграциските текови се дознаките од странство. Дознаките од странство изнесуваат околу два проценти од БДП на Северна Македонија, или околу 200 милиони евра, во 2018 година.

Овие податоци се засноваат на административни извори и легални банкарски текови. Според Меѓународниот монетарен фонд, учеството на дознаките преку неформални канали изнесуваше дополнителни четири проценти од БДП. Следствено, вкупниот удел на реалните дознаки може да достигне и до шест проценти од БДП, што значи дека Северна Македонија е меѓу највисоко рангираните земји според нивото на оваа категорија приходи. Во поширока смисла, ако ги додадеме дознаките од странство, приливот од странски пензии и плати на македонските жители во странство, овој износ се зголемува на околу 721 милиони евра.

Сепак, иако значаен, овој извор на средства не можат да бидат генератор на економски раст, бидејќи само еден процент оди во него бизнис инвестиции, наведуваат Вестминстер Фондацијата за демократија и Институтот за развој и иновации во делот за Македонија во извештајот Трошоците за имиграција на младите во земјите од Западен Балкан.