Мицотакис бара од ЕУ да воведе сертификат за вакцинираност
Грчката влада предлага ЕУ да воведе сертификат за вакцинација, за „олеснување на слободата на движење на лицата кои биле вакцинирани против Ковид-19“, ѝ напишал премиерот Киријакос Мицотакис во писмото до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Тој бара „итно е да се донесе заедничко разбирање за тоа како треба да се структурира потврда за вакцинација за да биде прифатена во сите земји-членки“, јавува бриселски „Политико“.
Според Мицотакис „обезбедувањето најбрзо можно повторно воспоставување на слободата на движење… е, неопходен, основен приоритет за сите нас“. Но тој вели дека Грција „нема да ја направи вакцинацијата задолжителна или предуслов за патување, па сепак лицата кои биле вакцинирани треба да бидат слободни да патуваат“. Мицотакис додава дека „ова исто така ќе обезбеди позитивен стимул за осигурување дека граѓаните се охрабруваат да се подложат на вакцинација“.
ЕУ ќе одржи самит преку видеоконференција на 21 јануари – кога Мицотакис се надева дека ќе се разговара за ова прашање.