Мицкоски живее во паралелен свет: СДСМ за економијата во земјава

Опозициската СДСМ денеска преку соопштениет до медиумите реагира на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски за растот на БДП, оценувајќи дека „добрата економска слика“ е уште една провидна манипулација со кои се обидува да ја замагли катастрофалната реалност во која живеат граѓаните.
„Очигледно Мицкоски живее во паралелен свет, целосно отсечен од реалноста во која луѓето во Македонија едвај врзуваат крај со крај, се борат со поскапувања, мизерни плати, празни паричници и празни фрижидери“, велат од СДСМ, додавајќи дека цените постојано се зголемуваат, платите стагнираат, стандардот постојано опаѓа, а граѓаните со се помалку пари.
„Тоа е болната реалност во Македонија“, посочуваат од СДСМ.
Во соопштението исто така се додава дека не се исплаќа повратот на ДДВ, субвенциите за земјоделците се намалени и каснат, нема реализација на капитални инвестиции, власта доцни и не може плати да исплати.
„Кога инфлацијата е 3%, исто колку наводниот раст, значи бесмислени се било какви фалби, нема никаков раст“, велат од СДСМ и додаваат дека индустриското производство, еден од клучните индикатори за реалната економија, бележи пад од 0,8 отсто во февруари 2025 во споредба со истиот месец лани, што според СДСМ е јасен сигнал за опаѓање на економската активност.
„Граѓаните многу добро ја знаат реалноста, нема никаква економија што цвета – има економија што стагнира и народ што осиромашува“, велат од СДСМ.