Мицкоски загрижен дека ќе исчезнеме како држава за 70 години

„Времето не работи за нас. Секој кој ќе ви каже така ве лаже. Како што поминува времето тоа работи против нас“, рече Мицкоски во говорот за 23 Октомври


Христијан Мицкоски за време на обраќањето на празникот 23 Октомври

 

Образложувајќи ја својата идеја за да се изготви проект за стратегија на државата до 2050 година заеднички на Владата и на МАНУ, премиерот Христијан Мицкоски, рече дека во „следните 70 години сме на добар пат да исчезниме како држава. Тоа е една генерација од сега“. И запраша: „Зошто никој до сега не ја отворил оваа тема?“

Тој најмногу мислеше на демографијата и рече дека мора да се најдат одговори за тоа „како ќе функционира држава со таква диспропорција на население и толку малку луѓе кои ќе работат, да не кажам повеќе од половина од нив во администрацијата. Кој ќе ја одржува таа држава? Знае ли некој од овие кои досега ја воделе државата – каде оди државата?“

Како и повеќепати досега Мицкоски ги повика политичките ривали од левицата да се обединат за иднината на државата, а во исто време ги обвини дека седум години „брутално го пљачкаа буџетот на државата и кога даваат предлози забораваат дека оставија држава во банкрот“. Па додаде дека „ги слушам нашите политичките противници кои гледаат како да ми извадат од контекст изјава која ја кажувам, па ќе кажат овој го призна Преспанскиот договор, овој кажа Северна, тој не кажа Северна, и така влегуваат во еден магичен круг на обвинувања, политика која што се води ден за ден, играјќи на картата на кратко помнење на македонските граѓани“.

Поставувајќи дилема: „Што ќе беше ако прашањето за името се решеше 1990-та година? Каде ќе беше денеска нашата татковина?“, Мицкоски го спомена претседателот Киро Глигоров и стратегијата времето работи за нас – „која не велам дека не била исправна во тоа време, сигурно имале свои причини  зошто правеле таква стратегија“.

Иако не навести никакви промени во однос на условот за уставните измени, Мицкоски во говорот за празникот 23 Октомври рече дека времето не работи за Македонија.

„Времето не работи за нас. Секој кој ќе ви каже така ве лаже. Како што поминува времето тоа работи против нас. И затоа сите може да чекаат. Само ние не смееме. Мора да се менуваме, мора да променуваме, мора да се развиваме, да реформираме, да се подобруваме“, нагласи тој. Дали ќе направи да го стигне времето што ни бега со прифаќање на уставните измени Мицкоски не кажа. Ако не најде модалитет како да ги направи нив тоа ќе биде спротивно од она што го зборуваше на празникот 23 Октомври.

Во говорот  посебно му се заблагодаруваше на Тодор Александров како го издигнал „организацијата (ВМРО) од урнатини и ја направил најмоќната организација во Европа, со која сите сакале да соработуваат и од која сите се плашеле. За неа слушнале буквално низ цел свет“. Најмногу поради крвавите братоубиства на улиците на Софија и Горна Џумаја, кога Македонци убиваа Македонци во бројки кои надминуваа илјадници. (Н.В.)