Мицкоски за затворањето на постмониторингот на Советот на Европа: Ова е историски ден
Ако нешто е историско во извештајот на Стразбур за пост-мониторингот, тоа е сериозноста на забелешките за состојбите во Македонија и колку историски долго не се прави ништо да се поправат
За премиерот, ова значи само признание за нивото на демократија во државата и е демант за квалитетот на демократијата и слободата на говорот.
– Некои од вас бевте присутни пред неколку дена кога ми беше поставено прашање дали Владата влијае врз слободата на говорот? Ова е еден најголем демант, ова е најголемиот демант за квалитетот на демократијата во Македонија и слободата на говорот, владеењето на правото и сите процеси што ги мониторира Советот на Европа – потенцира Мицкоски.
За Мицкоски, ова е само уште една добра вест покрај онаа со која ЕУ го препозна проблемот со транспортерите.
– Благодарен сум на тимската работа, на сето она што го направивме, тоа е уште една добра вест покрај онаа со која ЕУ го препозна проблемот, би рекол не само со камионџиите туку и со друмските превозници, зборувам тука и за товарниот и за патничкит сообраќај, но во перидот што следува ќе има уште многу добри вести, така што сите оние невистини, лаги, од страна на опозицијата, што беа кажувани изминатиот период и злоупотребувани, полека се распрснуваат како меур од сапуница. Но, и на оние нивни перјаници во медиумите, кои ги засилуваат лагите во опозицијата мислејќи дека на тој начин ќе ми наштетат мене, но и на Владата – рече Мицкоски.
Тој повтори дека нема поголем демант од оној што дојде директно од Стразбур.
– Од Советот на Европа велат дека Македонија како држава е зрело демократско општество, владее правото, нема замолкнување на слободна новинарска мисла, се почитува слободата на говорот, и дека таа држава е зрела за понатаму навистина да ја гледаме како зрела демократија за разлика од другите земји од Западен Балкан, кои се или во постмониторинг или во мониторинг – додаде Мицкоски.
Она што не го кажа Мицкоски е дека Советот на Европа го укина и пост мониторингот за Бугарија која воопшто не ги имплементира одлуките на Судот за човекови права во Стразбур и дека со препоракатата спакува и две нешта – препорака во иднина да се прават ад хок извештаи за состојбата со нерешените прашања во Македонија и оценки за судството, корупцијата, медиумите, изборните закони, Кривичниот законик и слично, кои воопшто не ги поткрепуваат тврдењата на премиерот.
Имено, во извештајот во кој е дадена препораката за укинување на мониторингот се дава катастрофален приказ на состојбите во правосудството, влошувања место подобрувања и најави за нови реформи и закони – кои никако не се остваруваат. Според известувачите, трагедијата во Кочани ткрила „многу недостатоци во противпожарната безбедност на ноќниот клуб, во кој речиси немало никакви мерки за противпожарна безбедност и немало соодветни излези во случај на пожар“. Исто така, стои во оценката, тешките прекршувања на безбедноста биле познати и толерирани поради корупција и поткуп во институциите одговорни за спроведување на законот, што покажува системски проблеми во регулаторниот надзор.
Повод за егзалтацијата на премиерот е резолуцијата за затворање на постмониторинг-дијалогот со земјата, изгласана вчера во Стразбур. Текстот на резолуцијата во име на мониторинг-комисијата беше изготвен од известителите Сибел Арслан од Швајцарија, од политичката група на социјалистите, и Џозеф О’Рајли од Ирска, од Европската народна партија.Во текстот се наведува дека Парламентарното собрание го признава одржливиот напредок на Северна Македонија во демократијата, владеењето на правото, заштитата на човековите права и соработката со телата на Советот на Европа и ја признава политичката посветеност на властите за исполнување на обврските преземени при отворањето на постмониторинг-дијалогот во 2000 година. Врз основа на ова Собранието одлучи да го затвори постмониторинг-дијалогот со Северна Македонија и да продолжи да ги следи случувањата преку својот механизам за редовен периодичен преглед.