Мицкоски за Бугарија: Очекувам да бидеме добри соседи


 

Очекувам дека навистина ќе бидеме добри соседи и дека до крајот на оваа година ќе можеме и да го продолжиме нашиот процес на достоинствен начин, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ја средбата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со нејзиниот бугарски колега Румен Радев, која се одржа вчера во Баку.

„Ние се трудиме да градиме мостови со сите соседи. Не знам каков бил речникот на средбата, знам дека средбата поминала пријателски во добра атмосфера. Нашите аргументи се немилосрдни. Добив информација дека тие аргументи се презентирани на таа средба. Истото она што ние го правиме со нашите стратешки партнери му е предочено на господинот Радев и очекувам дека навистина ќе бидеме добри соседи и дека ова е навистина двонасочна улица и дека навистина до крајот на оваа година ќе можеме и ние да продолжиме со нашиот процес на достоинствен начин“, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање по бизнис форумот „Дијалог помеѓу бизнис секторот и Владата“, во организација на Стопанската комора на Македонија-Турција (МАТТО).

Сиљановска Давкова вчера оствари средба со Радев на маргините на Конференцијата за климатски промени –  КОП29 во Баку, Азербејџан.

Во разговорот кој, како што информираат од Кабинетот на претседателката, траел еден час и се одвивал во конструктивна атмосфера, било разговарано за потребата од унапредување на македонско-бугарските односи, за надминување на отворените прашања меѓу двете држави, како и за можностите за продлабочување и динамизирање на билатералната соработка во повеќе области од взаемен интерес.