Мицкоски во штабот на Орбан да ја слави победата


Претседателот и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и Александар Николоски, се во Будимпешта, каде ги следат резултатите од парламентарните избори во оваа земја, соопшти Мицкоски на Фејсбук.

Тој вели дека очекува нова победа за Орбан, чијашто партија Фидес, како и ВМРО-ДПМНЕ, е дел од Европската народна партија, која ги обединува десничарските политички сили во Европа.

„На покана на нашиот голем пријател и пријател на Македонија, Виктор Орбан, денес заедно со потпретседателот Александар Николовски ги чекаме резултатите од парламентарните избори во Унгарија, во изборниот штаб на Фидес. Очекуваме нова, четврта по ред победа за Фидес и нов четврти по ред премиерски мандат на Виктор Орбан!“. напиша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во објавата на Фејсбук.

Мицкоски не наведува дали во унгарската престолнина се сретнал со поранешниот премиер и прв човек на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој со години живее во Будимпешта, каде што избега и доби азил токму од власта на Орбан. Минатата недела, Мицкоски во интервју за ТВ21 тврдеше дека последната средба со Груевски му била пред пет години.