Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ во Собрание ќе поднесе предлог-одлука за разрешување на Филипче
Даваме рок до вторник рано претпладне Министерот за здравство и неговиот заменик да ги достават своите оставки до Собранието како би можело тие да бидат констатирани на почетокот на веќе закажаната нова седница истиот ден. Доколку не бидат поднесени овие оставки, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, секако со понудена соработка и на други пратенички групи и пратеници, врз основа на член 184 став 1 од Деловникот, ќе поднесе до Собранието Предлог одлука за разрешување на министерот за здравство и заменикот на министерот за здравство, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.
Мицкоски информираше дека предлог-одлуките за разрешување ќе биде доставени во вторник пред одржувањето на веќе закажаната седница со барање да бидат ставени токму на дневен ред на истата седница.
– Штом премиерот Заев си подигрува со Собранието и не ги доставува оставките до органот кој е надлежен, органот кој ги избрал министерот и заменик министерот, тогаш ќе одиме по оваа процедура, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додаде дека, уште по првиот ден по пожарот во модуларната болница во Тетово, каде животот го загубија 14 лица, ВМРО-ДПМНЕ побарала оставка од морални и функционални причини.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ потенцираше дека фотелјата на Филипче не е поважна од прерано згаснатите 14 човечки животи.
– Она коешто во овој момент не е најважно, тоа е оставката на министерот за здравство, таа треба час поскоро да се случи, туку одговорите на следниве прашања: На кој начин и со каков квалитет е градена болницата, какви биле проектите и тендерската постапка, дали има дозвола за употреба на објектот, зошто немало противпожарни апарати и систем за противпожарна заштита, и зошто роднините на пациентите се грижеле за болните и дали причината е недостаток на медицински персонал – посочи Мицкоски.
Тој нагласи дека за да се дознае сето тоа потребна е истрага, која ќе биде неутрална и објективна.
Наспроти тоа во текот на вчерашниот ден, наведе Мицкоскии, прочитавме дека Зоран Заев самиот добивал детали од истрагата и веќе не се крие дека е во постојана комуникација и координација со неговите партизирани СДСМ-обвинители.
Тој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ во следниот период ќе преземе повеќе чекори во насока на расчистување на оваа тажна трагедија.