Мицкоски вети брз крај на Кичево-Охрид – дури во 2026!

Колку поблиску се до изборите Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ толку повеќе ја приземјуваат пропагандата која шест години ја ширеа без контрола


Автопа Кичево - Охрид 2024 година (Фото: Б. Грданоски)

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој со години ја критикува актуелната влада за развлекувањето на изградбата на автопатот Кичево-Охид, вчера даде бисер изјава – дека ако тој и неговата партија дојдат на власт, ќе го завршат патот до 2026 година!

Колку поблиску се до изборите и до доаѓањето на власта што ја очекуваат, тој и ВМРО-ДПМНЕ  толку повеќе ја приземјуваат пропагандата која шест години ја ширеа без контрола и без да ги имаат воопшто предвид фактите околу промашениот проект, што токму оваа партија го договори со „Синохидро“ во 2014 година.

Според она што се дознава, владата предводена од СДСМ кога дојде на власт нарачала две странски ревизии на проектот и на изграденото дотогаш, а оценките што ги добиле биле дека „од овој проект не бива автопат“, а ако се изгради некогаш „подобро лично да избегнуваат да возат низ тунелите“, при што екс-министерот Оливер Спасовски бил толку изнервиран што побарал и проектанти отсега да одговараат за промашени проекти како за кривично дело! 

Сега, кога е јасно дека патот е при крај, Мицковски си даде рок подолг и од тој на СДСМ и ДУИ, па може да се постави прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ, кога ќе дојде на влас, ќе го развлекува завршувањето на автопатот Кичево -Охрид од истите причини за кои тврдеше дека го одолговлекува СДСМ и ДУИ – со гимнастики и политиканство, а заради  корупциски причини (куферчиња со пари).

Еве што изјавуваше Мицкоски за автопатот во ноември минатата година:

„Наместо да најдат начин како да го забрзаат проектот, тие повторно се обидуваат со некои гимнастики и политикантство да предизвикаат застој на работите, конфликт со изведувачите и на тој начин дополнително да го одложат реализирањето на овој проект. Добрата вест е што за неколку месеци од денеска доаѓа влада на ВМРО-ДПМНЕ, која има намера сериозно да ги заврши сите проекти во Македонија“.

Во октомври пак минатата година изјавуваше дека зад застојот на Кичево–Охрид стојат лични интереси, па очекува  Ковачевски да побара одговори од Бочварски.

„Па видете, повторно тука гледам некакви лични интереси и обиди на Ковачевски и Груби да прават политички гимнастики и пресметки, но мислам дека тоа нема да им успее овој пат. Ценам дека во отсуство на јасен проектен менаџмент и многу невистини се доведоа во една ваква ситуација. Очекував Ковачевски на ист начин како што велеше ‘стани Бочварски да те види цела сала’, сега да го стане и да му каже ‘ајде сега кажи што ќе правиме’“.

Иако сите експерти посочуваа дека се работи на тотално промашен проект правен од канцеларија и преку гугл мапс, од кој еден дел поминувал низ гробишта, и  дека има многу нерешени сопственички права, Мицкоски и во 2020 година тврдеше дека ако „Зоран Заев и СДСМ малку повеќе работеа на проекти, а помалку на провизии и криминал, досега автопатот Кичево – Охрид ќе беше изграден“.

„Нормално е дека (Заев) ќе бара одговорност, иако веќе пет година е власт во државата. Јас не очекувам нешто различно да каже отколку да ја префрли топката пред 5, 6, 7, 8, 10 години што се случувало. Во суштина 5 години гледаме многу криминал, многу пљачка, многу наместени тендери и многу куферчиња што се разнесуваат низ Македонија. По 17 октомври следуваат промени во Македонија на подобро“, изјави  Мицкоски во октомври 2021 година  во една од многуте најави дека ќе дојде на власт.

Пред два дена, пак, вети нешто што ќе го заврши, според проценките на тие што го виделе патот, која и да е влада на Македонија, така што најавата на Мицкоски дека автопатот ќе биде готов до 2026 година е само признание дека – се што зборувал досега било чиста пропаганда надвор од реалноста. 

„Невозможно е да има крај на тој проект во јануари 2024-та година. Зошто? Затоа што во овој момент кога ќе направите детална анализа и пресек до каде се градежните активности, ќе заклучите дека тој е некаде 70-тина проценти (според Владата 80 отсто) завршен од тоа што треба да биде 100 отсто. Некаде имаме од прилика 30-на проценти. И, ние анализирајќи ја состојбата во која што денеска се наоѓа оваа патна делница, истовремено имајќи јасен приказ со што располагаме како градежен капацитет можеме да излеземе со ветување коешто ќе биде дел од програмата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата дека целосната делница ќе биде завршена и пуштена во употреба во втората половина или би рекол на крајот на 2026-тата година“, најави Мицкоски.

Контакт со реалноста Мицкоски доживеа и околу проектот на „Бехтел и Енка“, при што излезе со истата тактика како со Преспанскиот договор – прво ќе го укинуваше, а потоа се јави за пасош со „Северна Македонија“. Околу овој проект тој изјави дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвено „да разговара со нив за трошоците кои дополнително би можеле да се зголемуваат, практично сведувајќи ги повеќемесечниоте хистерични обиди да се минира проектот со разно-разни изговори – на тоа колку ќе изнесува крајната сметка, ако држи и тоа. 

„Мотивирани од сите овие проблеми, антиципирајќи ги можеби сличните вакви проблеми, сакаме да седнеме и на една фер и партнерска основа да постигнеме договор и да го завршиме овој проект. Ние не сме против градење бидејќи сите овие патни делници биле дел од програмите на ВМРО-ДПМНЕ и во минатото, туку сакаме тоа да биде најекономично, најоптимално и најисплатливо за македонските граѓани“, рече Мицкоски.

Мицкоски тврди дека договорот ќе надмине 2 милијарди евра, но нема да се раскинува, туку ќе се седне на маса со компанијата за се репреговара. Бидејќи сумата најверојатно ја напумпува, ако дојде на власт ќе тврди дека и заштедил пари на Македонија. Притоа ги драматизира последиците од раскинувањето на договорот вреден над една милијарда евра, проектирајќи ги на – неколку милијарди.

„Идната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде соочена со предизвикот дали да плати стотици милиони евра, а богами можеби и милијарди, раскинувајќи го договорот. Бидејќи вака концепиран и почетник би ви дал совет- немојте воопшто да го напуштате, затоа што ќе платите стотици милиони евра оштета… Или, пак, да седнеме, да разговараме со компанијата која што треба да ги гради овие делови од делниците 8 и 10 Д и да најдеме заеднички компромис, како да го оптимизираме времето и проектот“, рече Мицкоски.

До изборите уште многу вакви пропагандни балони на ВМРО-ДПМНЕ со кои спречуваа да се реализираат или барем закочуваа проекти во Македонија ќе издишат, а кога нивната влада, ако биде формирана, ќе почне да ги спроведува, се ќе биде по закон и без корупција. Поточно нема да има куферчиња со пари така како што ги изнесуваа Грци од Македонија кога „Актор“ го градеше автопатот на Коридорот 10 додека ВМРО-ДПМНЕ беше на власта. Во меѓувреме пропадна Чебрен, на пат се да пропаднат трите стратешки енергетски проекти, а ќе пропаднат и други проекти за кои новата власт ќе сака да репреговара. (Н.В.)