Мицкоски вели дека поголема демократија имало во времето на Груевски


Фото: Б. Грданоски

 

„Не го делам чувството дека сега имаме унапредување на демократијата“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервјуто за „360 степени“ на МРТ околу демократската ситуација во земјата во 2016 година и сега.

Мицкоски не се согласува дека медиумите се послободни, дека има повеќе критички гласови во јавноста и дека опозицијата денес има многу повеќе место во медиумскиот простор отколку СДСМ додека ВМРО-ДПМНЕ беше на власт. Ниту пак дека сега има регуларни дебати меѓу власта и опозицијата, а тогаш тоа беше исклучено.

„Ако сте објективен, ќе се согласите дека демократската ситуација е подобрена“, рече во прашањето  до Мицкоски уредникот Васко Попетревски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ одговори дека се труди да биде објективен, но не може да се согласи со таквиот став и дека до 2016 година опозицијата имала празни пораки, додека неговата партија денес имала суштински.

Јас се трудам да бидам објективен и ќе ви кажам зошто немам такво чувство, бидејќи и за танго и за кавга треба двајца. Не мислам дека тогашната опозиција имаше проблем со опструкции во медиумите или испраќање пораки во медиумите. Мислам дека и медиумите и тогашната опозиција беа во еден процес на празни пораки од страна на тогашната опозиција. Додека сега ние како ВМРО-ДПМНЕ и јас како претседател се обидуваме да имаме суштински пораки, континуирано да сме присутни во медиумите и одговараме на секоја покана, што не беше случај кога СДСМ беше опозиција“, рече Мицкоски. Уште додаде: „Да видиме колку медиуми се затворија во овие седум години и колку во претходните седум години од претходната влада“.