Мицкоски вели дека „ЕУ се изживува со нас“, а Филипче дека тоа e „катастрофа за иднината“

Премиерот повторно рече дека нема да прифател „диктат“, а лидерот на СДСМ нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски на граѓаните им сервираа изборна измама


 

Одлуката Македонија и Албанија да бидат разделени на патот кон ЕУ се очекуваше веќе некое време, па сепак, одлуката на Унијата предизвика своевидан тревога во државава. Премиерот денеска рече дека тој нема да прифаќа диктат (внесувањето на Бугарите во уставот), а лидерот на опоцијата тоа го гледа како катастрофа за иднината на граѓаните. Спикерот на парламентот одби да даде посебна квалификација за одлуката на ЕУ, само рече дека не треба да се „делиме на наши и ваши“.

Христијан Мицкоски не е изненаден што ЕУ ги одвои Македонија и Албанија од патот кон ЕУ и што Тирана ќе продолжи самостојно со отворањето на првиот кластер на 15 октомври. Тоа нему му било кажано кога беше во посета на Брисел, но не спомна од кого, можеби од претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел.

„Доста е веќе двојни стандарди врз грбот на оваа мала држава. Само се изживуваат со нас“, рече Мицкоски при посетата на Фондот за здравство во разговорот со новинарите.

Тој додаде:

„Се испраќа лоша порака кон македонските граѓани затоа што како држава имаме поминато многу откако го почнавме патот кон полноправно членство во ЕУ. Многу работи кои никој не ги направил, а ние ги направивме, а немаат никаква врска со Копеханшките критериуми. Ние сме единствен случај во кој билатерални договори се услови во преговарачка рамка. Го делам впечатокот со огромно мнозинсто македонски граѓани дека не треба повеќе врз основа на национални отстапки, без гаранции, да прифаќаме услови. За мене ова е диктат. Ако ова е условот за Македонија, тогаш не, благодарам. Тоа не се европски вредности“, рече Мицкоски.

Премиерот го повтори владиниот предлог измените на уставот да станат ефективни кога ќе завршат преговорите.

„Што е толку тешко да се прифати нашиот предлог и овие уставни измени да бидат ефективни кога бугарскиот парламент ќе го ратификува пристапниот протокол за нас во ЕУ. Очигледно дека некој нема чесни намери“, истакна Мицкоски.

Според него, „ако мислите вие дека со почнувањето на преговорите, мед и млеко ќе почне да тече по улиците и парите од Брисел ќе почнат да врнат – се лажете. Не сум навикнат работите да ми паѓаат од небо, туку многу да се трудам за да ги заслужам. Јас сум борец и ќе се борам“.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска изјави дека „раздвојувањето на Албанија и Северна Македонија е тежок пораз на политиките на Владата на планот на европската интеграција на државата. Но пред сѐ, ова е огромна катастрофа за иднината на граѓаните. За жал, оваа нова пропуштена шанса ќе се одрази на многу семејства и на уште една цела нова генерација. Ова ја убива надежта дека нашата држава може да напредува и да се развива“.

Зборувајќи на прес-конференција во Собранието, Филипче рече дека „ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски на граѓаните им сервираа изборна измама. Преку куп лаги и манипулации тие се обидоа да ја затскријат вистинската намера. А вистинската намера е дека ниту имаат план, ниту сакаат државата да напредува и да се развива во Европската унија. Велеа, планот ќе се соопштеле откако ќе победат на изборите. Па еве денес, откако доживеавме тежок пораз, ги прашуваме, кој е планот? Кои се роковите на планот ако воопшто постои?“

Според него, „сега Македонија останува изолирана, без јасен план и стратегија како ќе продолжиме напред. Осиромашена, безнадежна, внатрешно раскарана и раселена – ова е планот на ВМРО-ДПМНЕ за Македонија. Како планира Мицкоски со реторика на карање и конфликти да обезбеди подобри услови со Бугарија во билатерална комуникација? Филипче рече дека „со промената на Уставот ништо нема да изгубиме. Напротив, ќе добиеме. Тоа е најдобриот начин да се заштитиме од натамошни барања и уцени“. 

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, на денешната средба со новинарите од околу рече дека секое заостанување  не е добро за нас  и дека тој е поборник да станеме земја членка на ЕУ што побрзо. На прашањето што прават тогаш неговите сопартијци околу ова прашање и зошто не бара одговори од премиерот Христијан Мицкоски и од ВМРО-ДПМНЕ тој рече дека не треба да се делиме на наши и ваши  и дека треба да имаме консензус околу евроинтеграцијата за да земјата оди напред. (Н.В.)