Мицкоски вели дека ЕУ одела по пат каде што не требало да оди
Премиерот денеска повторно изјави дека Македонија нема веќе да прави отстапки
Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека како држава ќе продолжиме да промовираме европски вредности. „Ако од Брисел се подготвени да најдеме конструктивно решение и да го продолжиме патот, секогаш сме тука позитивно да одговориме на таквото барање. Во спротивно, можам да заклучам дека ние како држава, Балканот, за жал не сме во фокусот на оваа администрација на Брисел“, рече тој.
Според него, Македонија има целосно усогласена надворешна и одбранбена политика со ЕУ.
„Реформите ги правиме согласно мониторингот на Европа и така и ќе продолжиме. Ние не сме опасност, ние сме под чадорот на ЕУ и бидејќи таму има политичари во Брисел кои одлучија да бидат заложници на политичари кои сè уште се со мислите во средниот век, наместо да гледаат кон 21. и 22. век, ние повеќе отстапки немаме намера да правиме додека сме влада. Ако си најдат некоја друга влада, нека си ја донесат, нека си прави таа отстапки. Ова влада такви отстапки нема да прави затоа што не е аргументот – знаете, 27 се така. Тој аргумент нѐ води таму каде што сме денеска, ја води ЕУ таму каде што не треба да ја води“, додаде Мицкоски во изјавата во селото Таринци, каде што се поставуваше камен-темелник на доградба на детска градинка.
Тој додаде дека ветото станало секојдневие во ЕУ, ато ја водело ЕУ таму каде што не треба.
Мицкоски во вторник ќе биде во Брисел како дел од редовниот самит Европска Унија-Западен Балкан. Според него, пораките од ЕУ не се баш така јасни, но дека нашата порака е јасна дека ние доволно направивме како ниту една држава во ЕУ.