Мицкоски тврди дека немало физички напад врз новинарот Владимир Перев


 

Премиерот Христијан Мицкоски денеска ги отфрли наводите на новинарот Владимир Перев (80) кој е еден од најистакнатите претставници на бугарската заедница во Македонија, дека имало физички напад врз него. Премиерот рече дека вчера имал консултации и после тие консултации апсолутно отфрла оти имало каков било инцидент.

Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање за реакции од Софија во врска со Перев, рече дека некој може да накисне на дождот надвор и тоа да го окарактеризира како хибриден напад од страна на Владата.

„Може некој да накисне на дождот и надвор и тоа да биде хибриден напад од страна на Владата, со кој што се загрозува интегративнот процес. Ако некој одлучил да се самоповреди и тоа да го прикаже како напад, хибриден или не знам каков, тоа е друга работа“. 

МВР вчера објави дека постапува по случајот пријавен од Владимир Перев дека бил цел на вербален и физички напад од непознато лице во Скопје.

Во текст за порталот „Трибуна“ Перев напиша дека бил нападнат од маж на околу 40 години кој заедно со него чекал во редот на касата во маркет. Нападот, како што тврди, бил мотивиран од неговата припадност кон бугарската заедница. Инцидентот се случил во петокот, а полицијата објави дека презема мерки за расчистување на случајот.

Министерството за надворешни работи на Бугарија остро го осуди наводниот инцидент.

„Категорично осудуваме уште еден чин на насилство од омраза против Бугарин во Република Северна Македонија – феномен, за жал поттикнат од актуелната социо-политичка атмосфера и антибугарска реторика“, се вели во ставот. „Очекуваме надлежните органи во Република Северна Македонија да преземат навремени и ефикасни мерки за истрага и правда. Потсетуваме дека европскиот пат на земјата бара целосно и совесно спроведување на европскиот компромис од 2022 година, вклучително и почитување на заедничките вредности и гарантирање на правата на македонските Бугари“, се вели во ставот на МНР.

Реагираше и бугарскиот претседател Румен Радев. Тој вчера изјави дека е „рајно време Република Северна Македонија да започне ефикасна истрага и гонење за сите напади врз Бугарите во земјата. Ова е единствениот начин оваа земја да постигне европска интеграција“.