Мицкоски: Техничката влада ќе се укине, СДСМ да каже дали на следните или на изборите по нив
Според премиерот, темата за предвремени избори воопшто не била отворена на средбата во Клубот на пратеници
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, по тричасовната лидерска средба на која не учествуваа лидерите од коалицијата на СДСМ, соопшти дека постигнале согласност оти техничката влада треба да стане минато, т.е. да се укине. Иако одлуката може да се донесе со 61 глас, Мицкоски порача дека не сака решенија „на сила“ и му понуди компромис на отсутниот СДСМ.
„За да излеземе од ќор-сокак, го прифаќаме и овој компромис: ако СДСМ мислат дека е неопходно да има техничка влада за следните избори, нека биде така. Но, да донесеме измени со кои, кој и да победи на нив, техничката влада веќе никогаш нема да постои“, изјави Мицкоски.
Тој спомена дека имало сугестија од лидерот на ДУИ, Али Ахмети (што не го именуваше) да се направи консултација за техничката влада со меѓународната заедница, но јасно ја отфрли, порачувајќи дека како земја треба да покажеме оти можеме и сами да донесеме зрела одлука.
„Генерално сите се согласивме дека техничката влада треба да замине во минатото. Мислам дека треба да покажеме одговорност дека сами можеме да носиме зрели одлуки. За мене ова е зрела одлука. Сепак не е мој личен карактер, ниту начин на размислувања тоа да не биде консензуално. Видовте дека една коалиција отсуствуваше денеска. Доколку таа коалиција
не го прифати ова носење на измени во Законот за Влада, со што би се избришала техничката
влада за следните парламентарни избори, мојот предлог беше да не го правиме тоа на сила, без нивна согласност, туку да донесеме измени на Законот, техничката влада да не важи по следните избори. Ако толку инсистираат да важи за овие избори, еве измените да не ги опфатат следните парламентарните избори, туку тие што ќе следат по тоа“, изјави премиерот Мицкоски.
Сепак, тој тврдеше дека на лидерската средба не се отворила темата за предвремени парламентарни избори, и покрај ова брзање да се укине техничката влада. Според него, мора во секој случај да се направат измени во Законот за Влада зашто има промена во ресорите, па на пример Мистерството за труд и социјална политика е поделено сега во два ресора и треба да се прецизира каде ќе бидат заменети министрите и замениците министри.
Генерално, тој ѝ даде историски формат на лидерската средба тврдејќи дека за првпат во 35 години лидерите се собрале да најдат решенија, а не за да се создаваат проблеми, иако масата беше најмала досега.

„Јавноста денеска беше сведок на еден поинаков пристап – на отворена, конструктивна дебата полна со предлози и идеи. Се отворија многу прашања. Предложив дебатата да продолжи на ниво на пратенички групи зашто ние сме за надминување на проблемите, а не за создавање нови“, истакна Мицкоски.
Тој ги потврди претходните најави дека е договорено решението за проблемот околу изборот на народниот правобранител и околу „Сејф сити“ да продолжат да се бараат на средби на координаторите на пратеничките групи, нагласувајќи во исто време дека системот за регистрација на прекршоците сепак ќе стартува од 1 фебруари бидејќи според него ДУИ дале согласност за законот.
Практично, од изјавите на сите лидери можеше да се заклучи дека многу нешта не се договорени и дека освен Ахмети, никој не го отворил клучното прашање – патот кон ЕУ, а од изборните реформи се разговарало само за техничката влада и како да се организира гласањето на дијаспората.
„Јас предложив дебатата по неколку прашања, за кои немавме исто мислење, да продолжи во Собранието меѓу координаторите на пратеничките групи. За мене најакутно беше да се најде решение за Законот за прекршоците (‘Сејф сити’) за кој треба двотретинско, а не Бадентерово мнозинство за да почне да функционира од 1 февруари. Мислам дека сите се согласивме околу тоа“, рече Мицкоски.
На новинарско прашање нели е загрижен дека со одбивањето на Охридскиот договор, на Балансерот, на Договорот со Бугарија и слично ќе се смени перцепцијата на меѓународната заедница кон Македонија, премиерот рече дека тоа е перцепција, став и коментар на новинарот и дека тоа не заслужува одговор. Тој притоа го наведе ставот на владиното мнозинство законите од реформската агенда за кои има согласност од Европската комисија да се поддржат, бидејќи сите се за членство во ЕУ и притоа да не се повикуваат на Балансер, Бадентер и слично.
Околу најавата на Ахмети дека за некои прашања што ги најави, а не биле отворени на средбата ќе има средба во четири очи со премиерот, Мицкоски потврди, но и го намали го значењето со забелешката дека тој во својата работа одржува редовна комуникација со другите политички лидери. За гласањето на дијаспората премиерот рече дека најпрво треба да дефинираат дали ќе има една изборна единица, а потоа да најдат креативно решение како да гласаат нашите иселеници во државите кои не го дозволуваат тоа надвор од дипломатските преставништва, нешто што исто така ќе се усогласува на средба на координаторите на пратеничките групи.
Лидерот на „Левица“, Димитар Апасиев, ја оцени средбата како „изненадувачки, за прв пат конструктивна“, посочувајќи дека било начелно договорено до крајот на пролетта, во јуни, да се донесе нов Изборен законик.
„Се дискутираше за модалитетите. Една изборна единица, со или без изборен цензус, отворени или затворени листи. Комуникацијата ќе продолжи на ниво на координатори на пратенички групи во Собранието со некои од министрите во Влада“, појасни Апасиев. Последната политичка тема на која било разговарано, според него, бил Обдусманот, за кој предложил соломонско решение – да биде избран припадник на ромската заедница, бидејќи се најдискриминирана заедница која нема никакви полуги во власта, ниту министри, ниту пратеници…

Од економските теми, Апасиев рече дека ги наметнал минималната плата, апанажата и патните трошоци на пратениците и јавните функционери, но не наишол на разбирање.
„ И за овие две теми не наидовме на разбирање, иако имаше различни варијанти коишто се дискутираа, сепак мислам дека овие се неприфатливи“, изјави Апасиев.
Тој барал и обештетување на семејствата на жртвите од Кочани, но и за тоа немало слух со разни објаснувања, дека тој бил приватен, а не јавен објект како што е во модуларната болница во Тетово, како и дека веќе има проекти коишто се доволни за самиот град.
„Ние сметаме дека тоа е недоволно сѐ уште, ќе инсистираме и понатаму. Но, ова е сензитивна тема и затоа не толку ја инсистиравме зависно од приликите, бидејќи средбата помина навистина би кажал, конструктивна атмосфера што за мене изненадувачки“, изјави Апасиев.
Ахмети не успеал да ги отвори сите прашања од тие што ги најавуваше, а пред сѐ за употребата на Бадентер во Уставниот суд и при избор на владата.
„Ова е прва средба во ваков формат. Останаа недоразгледани повеќе точки за кои сакав да разговараме, некои теми останаа неапсолвирани. Разговаравме за членството на Македонија во Европската унија, тоа е прашање на кое сите мора да се ангажираме со голема посветеност. Премиерот нè извести за неговите средби и разговори со претставниците на меѓународната заедница. Ние сме на располагање да помогнеме со цел нашата земја да го заземе заслуженото место во ЕУ.
Во врска со изборот на Народниот правобранител, тоа е прашање за кое треба да се заземе став и да се реши и ќе има дополнителни консултации со координаторите на пратеничките групи, за да се најде решение. За остатокот од прашањата кои имав замислено да ги покренам, одлучивме дополнително да се сретнеме со премиерот Христијан Мицкоски на тет-а-тет средба“, рече Ахмети по средбата.
Друго прашање беше Изборниот законик, додаде Ахмети.
„Разговаравме за една изборна единица. Ние не сме против, ама ние сакаме една изборна единица со отворени листи и минимален изборен праг од 5 отсто. Треба да се разгледаат и модалитети за гласање на дијаспората“, рече Ахмети.
Во врска со укинувањето на техничката влада, додаде, треба да се консултираме со европските партнери кои учествуваа во процесот со кој беше воведена т.н. пржинска влада. На новинарско прашање зошто ДУИ не го поддржува предлогот за Народен правобранител Ахмети одговори бидејќи не се одвиваале консултации за таа тема како што налагаат демократските процеси.
„ За измените на Законот за прекршоци за ‘Сејф сити’ и за Бадентер во Уставниот суд ќе разговараме дополнително на средбите со премиерот Мицкоски. Ние се согласуваме со ‘Сејф сити’, како проект кој е покренат уште пред една деценија, а треба да се разгледаат и амандманите кои се поднесени во Собранието“, рече Ахмети.

Билал Касами од ВЛЕН практично ги потврди претходните изјави и нагласи дека став на неговата партија е ако има една изборна единица, да има и отворени листи.
Бобан Карапејовски од ЗНАМ рече дека треба да се укине техничката влада бидејќи имаме зад нас неколку успешни избори и дека место стабилност таа создава нефункционалност , дека е анахрона и си ја отслужила целта.