Мицкоски: Со Србија споделуваме многу повеќе од граница

За Мицкоски и Вучевиќ дијалогот е единствен пат за решавање на спорови и недоразбирања


Христијан Мицкоски и Милош Вучевиќ (Фото: Б. Грданоски)

 

Премиерот Христијан Мицкоски порача денес дека Србија и Македонија не ги спојува само заедничка граница, туку многу повеќе и дека средбата со тамошниот премиер Милош Вучевиќ затоа била значајна и искрена.

„Нашата средба беше повеќе од формален состанок, таа беше израз на заедничката желба за подобра иднина и зацврстување на врските помеѓу нашите две земји. Во срцето на нашите разговори беше разбирањето дека споделуваме многу повеќе од заедничка граница. Многу од граѓаните на двете земји споделуваат историја, култура, семејни врски и, најважно од сè, заеднички стремежи за просперитет и мир за нашите народи. Разговаравме за начините како да ја продлабочиме економската соработка, како да ги поврземе нашите луѓе и како да создадеме можности за идните генерации кои доаѓаат. Посебно се осврнавме на културната соработка и образованието. Се согласивме дека инвестирањето во младите е инвестирање во иднината. Кога нашите млади уште повеќе ќе се поврзат, ќе учат едни од други и ќе создадат заеднички проекти, тогаш сме сигурни дека регионот ќе оди напред“, рече Мицкоски.

Според него, неопходно е регионот да биде заедно, да биде глас на разумот и да работи кон стабилност и безбедност. 

„Ја истакнавме важноста на дијалогот како единствен пат за решавање на спорови и недоразбирања. Во однос на нашите европски аспирации, ја потврдивме заедничката визија дека иднината на регионот е Европската унија. Знаеме дека патот до таму не е лесен, но веруваме дека со заеднички напори и поддршка можеме да ги исполниме критериумите и да ги донесеме придобивките од европската интеграција на граѓаните во регионот“, рече тој.

Фото. Б. Грданоски
 
Премиерите разговарале за енергетското поврзување на двете земји и за важноста од изградбата на гасниот интерконектор којшто ќе ги поврзува во иднина.
 
„Ние сме сега во фаза на завршување на тендерска постапка со којашто конечно ќе отпочне изградбата на интерконекторот со нашиот јужен сосед, за да обезбедиме дополнителна опција за снабдување на гас на Централна Европа. Овој интерконектор со нашиот северен сосед е исклучително значаен. Тоа беше еден од важните сегменти во нашите разговори“, рече Мицкоски, по што додаде:
 
„Во фаза сме да го пуштиме во употреба и продуктоводот, или во јавноста познат како нафтовод којшто ја поврзува нашата земја со нашиот јужен сосед. Цениме дека тоа би било добра опција, истиот тој продуктовод или нафтовод да биде поврзан и со нашиот северен сосед и на тој начин да обезбедиме уште еден коридор. Зборувавме и за изградба на брзата пруга којашто е дел од Коридорот 10, којашто претставува стратешки приоритет на нашата Влада исто како што е и Коридорот 8. Но, заеднички приоритет е изградба на Коридорот 10  со нашиот северен сосед.
Фото: Б. Грданоски
Исто така ја отворивме темата за одржување на заеднички влади, нешто кое што го правиме вообичаено со владини седници, истото што го правиме и со другите наши соседи. Така што мислам дека односите помеѓу двете земји се на исклучително високо ниво и во периодот кој што следи истите треба да ги продлабочуваме“, соопшти Мицкоски.
 
Според српскиот премиер  Вучевиќ, многу значајно решение е изградбата на интерконекторот, што ќе претставува нов пат за снабдување од Грција кон Македонија и Србија.
 
„Ќе разговараме и за изградбата на нафтоводот. Факт е дека нашите две земји трошат многу струја и треба да се стремиме кон декарбонизација без да ја загрозиме енергетската стабилност, не само за нашите две земји туку и за регионот. На овој начин ќе им обезбедиме стабилност и на стопанствата и на домаќинствата на двете држави“, додаде Вучевиќ.
 
Тој нагласи исто така дека за нив е важна одлуката на македонската Влада за Коридорот 10, како стратешки правец за железничкиот транспорт, што според него е единствена можност заедно со европските партнери да се поврземе од Виена до Атина и со грчките пристаништа.
 
„Ова е природен пат меѓу Азија до Европа, а патот ќе оди преку Македонија и Србија, што ќе обезбеди подобар карго и патнички транспорт“, рече Вучевиќ.
 
Двајцата премиери разговарале и за надоградба на граничните премини и во карго и во цивилниот сообраќај, за да има што помалку задржувања и само еден преглед на документите. Сега, камионите чекаат со часови, а со тоа губат сите и бизнисмените и државите и луѓето, но и странските инвеститори во двете земји. Инаку, српскиот премиер ги повика македонските бизнисмени да учествуваат на ЕКСПО 2027, оти според него „би било неприродно Македонија да не учествува на овој светски фестивал“.
 
Македонските и српските владини претставници денеска во Скопје потпишаа меморандум за соработка во делот на енергетиката, рударството и минералните суровини.