Мицкоски со нереални очекувања во Брисел, Бугарија да не поддржува место да блокира
Добро е кога Западниот Балкан е во оптиката на Европската Унија и тоа е охрабрувачки и за граѓаните од регионот, затоа што на тој начин се покажува интересот за нашата заедничка иднина, изјави вечерва премиерот Христијан Мицкоски при пристигнувањето на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел. Западниот Балкан, посочи премиерот, географски припаѓа на Европа и логично е тој да се интегрира во рамките на Европската Унија.
– Ние како држава тоа го заслуживме многу одамна, бидејќи нашиот пат започна пред 25 години, но поради, би рекол, вештачи причини сè уште не можеме да бидеме дел од европското семејство, истакна Мицкоски.
Тој нагласи дека државата и Владата се обврзуваат да го испорачаат сето она што е потребно во пристапниот процес кон ЕУ, но не поради самиот процес, туку, пред сè, поради македонските граѓани, бидејќи тие го заслужуваат тоа.
– Така работиме до сега, така ќе продолжиме и понатаму. Очекуваме дека билатералните прашања нема да бидат наша пречка, туку напротив од нашите соседи очекуваме поддршка во оваа наша амбиција да бидеме дел од Европската Унија. И она што е најважно, е да бидеме оценувани според постигнувањата, а не според билатералните прашања, додаде премиерот Мицкоски.
На Самитот лидерите на земјите членки од Унијата и од државите од Западниот Балкан расправаат за меѓусебното стратешко партнерство, постепената интеграција на регионот во ЕУ, Планот за раст, како и за надворешните работи, безбедноста и одбраната.
Како што се наведува во најавата на собирот, Самитот претставува можност за демонстрирање и потврда на силата на стратешкиот однос меѓу Унијата и регионот и на придобивките што тој ги носи за граѓаните.
И министерот Тимчо Муцунски од Самитот ЕУ–Западен Балкан порача дека земјава очекува јасна поддршка од Европската унија за продолжување на процесот на европска интеграција и деблокирање на преговорите со Унијата.Муцунски оцени дека самитот е важна можност да се потврди стратегијата на ЕУ за проширување и да се испрати позитивна порака до регионот, но и да се отворат конкретни разговори за надминување на билатералните пречки кои го кочат напредокот на Северна Македонија.
„Ќе биде добра можност, пред сè, да се потврди стратегијата на ЕУ за проширување со Западен Балкан. Ова е општата порака што ќе биде упатена, која е секогаш добредојдена и пренесува позитивен сигнал до регионот. Верувам дека лидерите од нашата страна на регионот и земјите од ЕУ ќе разговараат и за многу конкретни иницијативи што ги има ЕУ, во насока на она што се нарекува интеграција во неколку чекори… Сакаме да разговараме со Бугарија, бидејќи мора да се најде решение за овој проблем, кој го блокира нашиот напредок кон ЕУ… Жалам што во последните недели, за возврат, не добивме добра доверба од бугарската страна дека можеме да најдеме рационално решение за ова билатерално прашање, кое во никој момент не може да ги загрози интересите во кои зборува и стои нашата Влада на овие позиции“, изјави Муцунски.
Во нацрт-заклучоците на Европскиот совет, до кои изминатите денови имаа пристап дел од медиумите, се наведува дека Унијата ја поздравува посветеноста на Северна Македонија кон европските интеграции и ја охрабрува да продолжи со реформите.
„Советот забележува дека Северна Македонија сè уште не ги завршила уставните измени што ги презела. Советот ја потврдува својата подготвеност повторно да ја свика меѓународната конференција, без понатамошни одложувања или дополнителни политички одлуки, откако Северна Македонија ќе ја спроведе обврската, во согласност со своите внатрешни процедури.“
На самитот се очекува да биде потенцирана и важноста од конкретен напредок во реформите, усогласувањето со европското законодавство, како и јакнењето на регионалната соработка и добрососедските односи.